Куманово: Втор ден блокада на депонијата
Жителите на Пчиња, Студена Бара и околни села не се откажуваат од протестот. Втор ден ја блокираат кумановската депонија. Камионите на комуналното претпријатие не работат, сметот покрај контејнерите почнува да се собира...

Втор ден блокада на патот кој води кон кумановската депонија. Жители на Пчиња, Студена бара и околни кумановски и скопски села, сè уште бараат надлежните локални и државни институции, да го решат долгогодишниот проблем со загадувањето на животната средина. Средбите досега не дале резултати. Бараат поддршка од кумановци, потенцирајќи проблемот е заеднички, чадот се чувствува насекаде. Камионите на комуналното претпријатие остануваат на паркинг, а контејнерите низ Куманово веќе се полни.
„Досега од надлежните немаме ништо, никој се нема јавено. Со блокадата ќе продолжиме сè додека не ни се исполнат условите за чист воздух. Сè додека не биде целата санирана депонија, ние нема да се откажеме од барањата. И каменоломите се блокирани, и сами знаете дека не работат соодветно треба да дојде Државен инспекторат и да стави бломба засекогаш да се реши проблемот со чист воздух“, истакна Васе Илиевски, жител на с. Пчиња.
„Останува до крај, многу меморандуми имаме потпишано ова е веќе крај не се повлекуваме додека не ни се исполнат сите барања се нормален живот во Пчиња и сите околни села. Нека дојдат еден да видат како е“, дополни Драган Цимковски, жител на с. Пчиња.
И кумановци загрижени од состојбата.
Комуналното претпријатие со скромната механизација со која располага и поддршката од неколкуте приватни компании, продолжува да интервенира на депонијата. Пожарот е изгаснат но чадот продолжува да се шири. Од општината остануваат на ставот проблемот трајно ќе се реши откако ќе профункционира регионалната депонија во Свети Николе, а Краста ќе стане претоварна станица.
Елена Георгиевска
