Клековски: Вакцинацијата против сезонски грип ќе започне во вообичаениот период, од втората половина на октомври
Во нашата држава тендерот за набавка на вакцини вообичаено се објавува во периодот јуни – август, по објавување на соевите од СЗО. На објавениот тендер оваа година не се пријави ниту еден понудувач.

Министерот за здравство, Сашо Клековски во денешната изјава за медиуми информираше дека оваа година Светската здравствена организација ги промени сите три соја во препорачаниот состав на вакцината против сезонски грип за северната хемисфера.
Ваквата истовремена промена е невообичаена и предизвика доцнење во производството кај производителите на глобално ниво. Поради тоа, во повеќе земји во Европа и регионот почетокот на вакцинацијата се очекува во ноември. Во нашата држава тендерот за набавка на вакцини вообичаено се објавува во периодот јуни – август, по објавување на соевите од СЗО. На објавениот тендер оваа година не се пријави ниту еден понудувач. Министерството веднаш презеде мерки за обезбедување вакцините по друг пат. Во последните три сезони вакцинацијата кај нас започнуваше во периодот од 16 до 25 октомври. Министерството за здравство ќе биде подготвено вакцинацијата да започне и оваа сезона во истиот период. Од планираните 80.000 дози, 56.000 вакцини се веќе обезбедени или се во постапка на обезбедување, а активностите за обезбедување на преостанатите количини продолжуваат, посочи министерот Клековски.
Бесплатната вакцина е наменета за приоритетните групи: лица над 65 години, хронично болни, бремени жени и здравствени работници. Граѓаните ќе бидат навремено информирани за почетокот на вакцинацијата и начинот на закажување.
