БСЖ вакцинацијата продолжува со јапонски вакцини
Родителите да бидат спокојни, апелираат здравствените власти. Сериите од бугарските БСЖ – вакцини против туберкулоза, поради кои се донесе одлука за привремено одложување на имунизацијата, веќе се искористени без никакви несакани ефекти. Додека се прави анализата, ќе се боцка со јапонски. За вакцинацијата против сезонски грип, пак, ќе се почека до втората половина на месецов. Обезбедени се помалку дози од планираното.

Имунизацијата на новороденчињата против туберкулоза во земјава ќе продолжи БСЖ – вакцини од јапонски производител. Откако привремено е стопирана поради можни несакани реакции кои ги пријави хрватска од бугарската вакцина, здравствените власти обезбедија количини доволни за една година. Во меѓувреме се проверува дали спорната вакцина е поврзана со појавата на инфекција на коските и дали во Македонија изминатите четири години може би има неевидентирани случаи. Засега нема пријави со вакви несакани реакции, а сите серии биле потрошени.
„Во соработка со агенцијата за лекови и медицински средства на Македонија (МАЛМЕД) се истражуваат сериите што се активни кај нас, кои сега ги користиме, односно се користеле до вчера, и немаме пријавено несакани реакции. Во однос на клиничкиот тек, остеомиелитисот може да се јави и од други состојби, далеку дека е само од вакцинацијата, и може да се јави и неколку недели по примањето на вакцината, па и до неколку години. Значи, временскиот период на асоцираност е многу долг за да може да кажеме. Будно се следи секоја од несаканите реакции што ќе биде пријавена“, проф. Д-р Александра Грозданова – Комисија за имунизација.
Нема податок колку деца примиле вакцината од овие серии, но годишно со БСЖ се имунизираат околу 15 илјади новороденчиња.
Вакцината се прима во родилиште или во текот на првата година од раѓањето. Таа е задолжителна, дел од редовниот календар за имунизација. Штити од тешки форми на туберкулоза. А, Македонија се вбројува во земјите со висок ризик од ова заболување.
Имунизацијата против сезонски грип ќе започне кон крајот на месецов. Годинава има и помалку вакцини. Од планираните 80 илјади дози, обезбедени се 56.
„Немаме заболени со грип. Имаме од други вируси, сите знаете дека има респираторни вируси кои се во моментот активни, меѓутоа немаме грип. Доколку пред да почнеме со вакцинација се појави ризик од грип, ние сме подготвени со план Б, кај високоризичните групи да се применува превентивна терапија и третман за грип. Меѓутоа, очекувам дека ќе биде навреме сè тоа направено“, изјави министерот за здравство, Сашо Клековски.
Како причина за доцнењето на вакцинацијата против сезонски грип се наведува задоцнетото објавување на новите три соеви на вирусот, што го одложија производството на вакцини во Европа. На домашниот повик за набавка пак, не се јави ниту еден производител или дистрибутер.
Андријана Ѓурческа
