Политика

Трајков: Жените не треба да бидат само корисници, туку и креатори на политиките

08.10.2026 08:38

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков учествуваше на втората Конференција посветена на женското лидерство, организирана од Владата на Србија.

Поголемо учество на жените во лидерството, политиката, економијата и општеството, како и посилно регионално поврзување, се неопходни за иднината на Западен Балкан, порача заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков на Конференцијата за женско лидерство во Белград. Таа ја нагласи и важноста на менторството и поддршката на младите жени.

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков учествуваше на втората Конференција посветена на женското лидерство, организирана од Владата на Србија.

Трајков истакна дека е потребно создавање нова генерација жени лидери и посилно регионално поврзување, оценувајќи дека заедничките искуства на земјите од Западен Балкан можат да бидат основа за регионални решенија.

„Жените не треба да бидат само корисници на политиките, туку и креатори на политиките“, порача Трајков, нагласувајќи дека политичкото учество на жените не е само прашање на еднаквост, туку и на квалитетот на демократијата.

Како клучни области за соработка таа ги посочи образованието и развојот на вештините, економското зајакнување и претприемништвото, политичкото учество, дигиталната трансформација и пристапот до нови технологии, како и спречувањето и борбата против насилството врз жените и девојчињата.

Посебен акцент стави на менторството и поддршката на младите жени, истакнувајќи дека жените на лидерски позиции имаат одговорност да го пренесуваат своето знаење и искуство.

„Кога една жена ќе успее, таа треба да ја отвори вратата за друга“, рече Трајков.

На конференцијата се разговараше и за можностите и ризиците што ги носат вештачката интелигенција и дигитализацијата. Според Трајков, жените треба да имаат активна улога не само како корисници, туку и како креатори, иноватори, истражувачки, претприемачки и носители на одлуки во технолошкиот развој.

На настанот беше истакнато и значењето на партнерствата меѓу институциите, бизнис-секторот, академската заедница, граѓанското општество и младите, како основа за поинклузивна иднина.