Средба Муцунски-Петрова во Софија, во фокус дијалогот за евроинтеграцијата
Средбата е официјално потврдена, а форматот и начинот на нејзиното одржување дополнително ќе бидат договорени. Од македонска страна се очекува во фокусот да биде дијалогот за надминување на разликите и продолжување на европскиот пат.

Министрите за надворешни работи на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова, денеска ќе се сретнат во Софија, на маргините на Меѓународната конференција посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот Коридор 8.
Средбата е официјално потврдена, а форматот и начинот на нејзиното одржување дополнително ќе бидат договорени. Од македонска страна се очекува во фокусот да биде дијалогот за надминување на разликите и продолжување на европскиот пат.
Иницијативата за средбата следува по неодамнешната посета на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на Скопје. Премиерот Христијан Мицкоски тогаш порача дека Европската Унија треба да биде вклучена во разговорите меѓу Македонија и Бугарија и да помогне во создавањето услови за одржливо европско решение.
Средбата доаѓа и во период кога Европската комисија објави предлог за идното проширување на Унијата, кој предвидува и можност за квалификувано мнозинство при одлуките за отворање на преговорите и постепена интеграција, со заштитни клаузули за почитување на преземените обврски во преговарачкиот процес.
