Македонија

Продолжува судењето за пожарот во „Пулс“

08.10.2026 10:14

Постапката е во доказна фаза, а денеска треба да продолжи изведувањето на доказите предложени од одбраната.

Во судницата во затворот „Идризово“ денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март минатата година загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Постапката е во доказна фаза, а денеска треба да продолжи изведувањето на доказите предложени од одбраната.

На претходното рочиште сведочеше вештото лице и технички советник од областа на градежништвото Петре Русевски, предложен од првообвинетиот Дејан Јованов, сопственик на дискотеката.

Русевски изјави дека закупецот на просторот не презел градежни активности што би можеле да се квалификуваат како реконструкција на објектот, туку извршил градежно-занаетчиски зафати и ентериерно уредување за потребите на дејноста.

На ваквата изјава реагираа родителите на загинатите, по што судот побара дел од нив да ја напуштат судницата.

Претходно заврши изведувањето на доказите на Јавното обвинителство. Беа изведени 1.390 материјални докази, а беа сослушани 45 сведоци и пет вешти лица. Одбраната има предложено 244 сведоци.