Авиосообраќај

Николоски: Годинава можеме да стигнеме до 4 милиони патници на двата аеродрома

08.10.2026 12:17

Растот на авиосообраќајот е резултат на политиката на субвенционирање што Владата ја креирала во 2024, а почнала да ја спроведува во 2025 година, оцени вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски...

Растот на авиосообраќајот е резултат на политиката на субвенционирање што Владата ја креирала во 2024, а почнала да ја спроведува во 2025 година, оцени вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски. Според него, бројот на патници на двата аеродрома годинава може да достигне четири милиони.

Николоски посочи дека во јули сообраќајот на двата аеродрома пораснал за 21 отсто во споредба со истиот месец лани, додека во август растот изнесувал 31 отсто.

Тој потсети дека при преземањето на функцијата, вкупниот сообраќај на двата аеродрома изнесувал околу 2,4 милиони патници годишно. Наместо очекуваните 3,2 до 3,3 милиони патници до крајот на првиот мандат, бројката од три милиони е достигната за само една година, а годинава, според Николоски, останува да се види дали ќе биде достигната границата од четири милиони.

Во однос на Охридскиот аеродром, Николоски оцени дека има значителен раст на сообраќајот и најави можност „Визер“ да ја прошири базата со уште еден авион.

Според него, во концесијата било предвидено Охридскиот аеродром до 2030 година да достигне 130 илјади патници, додека годинава се очекува бројката да биде меѓу 350 и 400 илјади.

Николоски најави и дека се прецизира отворањето на авиолинијата Скопје–Дубаи. Според него, линијата би била значајна и за македонскиот бизнис, имајќи предвид дека дел од големите саеми и деловни активности се сè повеќе насочени кон Обединетите Арапски Емирати, но и за зголемување на туристичките посети од регионот на Заливот.