Користењето паметни телефони на рана возраст го зголемува ризикот од нарушувања во исхраната
Ново истражување спроведено во САД, во кое учествувале околу 9.000 адолесценти, покажа дека поседувањето паметен телефон на 12-годишна возраст значително го зголемува ризикот од појава на симптоми на нарушувања во исхраната.

Во истражувањето спроведено од научници од Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско е утврдено дека децата кои поседувале паметен телефон на 12-годишна возраст имале за 36 проценти поголема веројатност да пријават барем еден симптом на нарушување во исхраната.
Кај истата група, симптомите на прекумерно и неконтролирано внесување храна биле за 61 процент почести.
Истражувањето покажало дека приближно 70 проценти од 12-годишните деца кои учествувале во студијата поседувале паметен телефон.
Резултатите се објавени во научното списание „JAMA Network Open“.
Според истражувањето, децата кои користеле паметен телефон од 12-годишна возраст, кога наполниле 14 години, имале за 49 проценти поголема веројатност да пријават симптоми на нарушувања во исхраната во споредба со нивните врсници кои немале телефон.
Дополнително, кај овие деца веројатноста сопствената вредност да ја поврзуваат со телесната тежина била за 103 проценти поголема.
Педијатарот Џејсон Нагата од Универзитетот на Калифорнија во Сан Франциско, кој го предводел истражувањето, заедно со својот тим посочува дека раниот и неконтролиран пристап до паметни телефони може да го зголеми незадоволството од сопствениот физички изглед во периодот на адолесценцијата.
Авторите на студијата нагласуваат дека нарушувањата во исхраната претставуваат сериозни состојби кои потенцијално можат да го загрозат животот, но во многу случаи може да се спречат.
„Иако големите платформи на социјалните мрежи имаат поставено минимална возрасна граница од 13 години, ова ограничување лесно може да се заобиколи“, наведуваат истражувачите.
Резултатите не докажуваат дека паметните телефони директно предизвикуваат нарушувања во исхраната. Сепак, научниците нагласуваат дека неконтролираниот пристап до социјалните мрежи на рана возраст може дополнително да ги влоши проблемите поврзани со перцепцијата на сопственото тело, особено во периодот на адолесценцијата.
Истражувачите им препорачуваат на родителите да го земат предвид овој ризик, а на здравствените работници при проценката на нарушувањата во исхраната да го испитуваат и начинот на користење на паметните телефони и социјалните мрежи.
Се посочува дека содржините на социјалните мрежи кои промовираат идеализиран физички изглед, како и објавите што поттикнуваат стремеж кон одреден телесен изглед и физичка подготвеност, можат да го зголемат незадоволството од сопственото тело кај младите и да поттикнат нездрави навики во исхраната.
Раниот период на адолесценцијата, кога способноста за самоконтрола сè уште не е целосно развиена, а чувствителноста на мислењето и оценките на другите е особено изразена, се смета за период во кој се зголемува ризикот од нарушувања во исхраната.
Експертите потсетуваат дека дигиталните уреди сами по себе не се целосно штетни и дека начинот на нивното користење може да биде поважен од времето поминато пред екран.
Сепак, резултатите од истражувањето укажуваат дека родителите треба внимателно да ја разгледаат возраста на која на своите деца ќе им овозможат да поседуваат паметен телефон.
