Коридорот 8 во фокусот на министерската конференција во Софија
Почна министерската конференција за Коридорот 8 во Софија, а на маргините шефот на дипломатијата Муцунски ќе има средби со еврокомесарката за проширување Кос и неговата бугарска колешка Петрова-Чамова.

Во Софија денеска се одржува меѓународна конференција на министерско ниво посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8. На конференцијата учествува министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Целта е да се зајакне координацијата меѓу земјите и институциите и да се утврдат конкретни чекори за забрзување на работите на одделни делници од Коридорот 8.
Муцунски ќе се обрати на панелот посветен на геостратешкото значење на коридорот, а на маргините се предвидени средби со еврокомесарката за проширување Мара Кос и со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова.
Петрова Чамова пред почетокот на конференцијата порача дека Коридорот 8 треба да се гледа како единствен стратешки проект за поврзување и најави политичка волја на Бугарија за забрзување на неговата реализација.
