Муцунски на Конференцијата за Коридорот VIII во Софија: Поврзаноста е стратешки инструмент за безбедност, отпорност и економски развој
Денеска во Софија, на покана на министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Велислава Петрова-Чамова, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на Меѓународната конференција за Коридорот VIII, каде што се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот VIII“...

Меѓународната конференција, која се одржа неколку месеци по министерскиот состанок за Коридорот VIII во Тирана, на 18 февруари оваа година, претставува продолжение на инаугуративната сесија одржана во Бриндизи, Италија, на 27 јули 2023 година. Во фокусот на досегашните разговори беа актуелните инфраструктурни проекти долж Коридорот VIII, како и предизвиците за кои е неопходно поголемо политичко внимание.
Во услови на променета геополитичка реалност и зголемени безбедносни и економски предизвици, учесниците ја реафирмираа позицијата дека инфраструктурните проекти долж Коридорот VIII треба да функционираат како единствен прекуграничен систем, а не како серија одвоени проекти што завршуваат на државните граници.
Во своето обраќање, министерот Муцунски истакна дека Коридорот VIII одамна ги надминува рамките на традиционалната транспортна инфраструктура и денес има суштинско европско, економско и безбедносно значење. Тој нагласи дека коридорот претставува стратешка визија што ги поврзува Јадранското и Црното Море, Европската Унија и Западен Балкан, како и економиите, општествата и безбедносните интереси на земјите долж неговата траса.
„Во време на геополитичка фрагментација, нарушени синџири на снабдување и обновена конкуренција за критичната инфраструктура, ваквите коридори претставуваат инструменти за отпорност, стабилност и заеднички просперитет“, истакна Муцунски, додавајќи дека Коридорот VIII е национален стратешки приоритет и важен дел од пошироките напори за интегрирање на Западен Балкан во европската економска и инфраструктурна архитектура.
Посебен акцент беше ставен на потребата политичките договори да се преточат во конкретна реализација. Во тој контекст, министерот се осврна на стапувањето во сила на Спогодбата со Бугарија за подготовка, изградба и функционирање на прекуграничниот железнички тунел, како и на досегашната работа на Заедничката комисија задолжена за нејзино спроведување.
Муцунски нагласи дека Коридорот VIII мора да се развива како единствен прекуграничен систем, со усогласена динамика долж целата траса. „Нашите граѓани и нашите европски партнери, на крајот, ќе го оценуваат Коридорот VIII според инфраструктурата што навистина ќе ја изградиме, а не според бројот на средби што ќе ги одржиме“, порача тој.
На конференцијата беше истакнато и поширокото значење на Коридорот VIII како платформа за соработка во транспортот, енергетиката, дигиталното поврзување, трговијата, инвестициите, логистиката и безбедноста.
Министерот Муцунски ја потврди подготвеноста за натамошна тесна соработка со Бугарија, Албанија и европските партнери во надминувањето на тесните грла, обезбедувањето финансиски средства и забрзувањето на реализацијата на Коридорот VIII.
Воедно, ја потврди и подготвеноста на нашата држава да биде домаќин на следната министерска средба за Коридорот VIII, нагласувајќи дека неговата реализација треба да придонесе кон посилна регионална поврзаност, безбедност, просперитет и европска интеграција.
