Научниците открија сериозни недостатоци во истражувањата за додатоците во исхраната со колаген
Во научните истражувања за додатоците во исхраната со колаген, кои стануваат сè попопуларни меѓу производите против стареење, се откриени значајни недостатоци и грешки.

Нова научна анализа, објавена во списанието „Journal of Cosmetic Dermatology“, покажа дека побарувачката за додатоци во исхраната со колаген расте побрзо отколку што се обезбедуваат веродостојни научни докази за нивната ефикасност.
Во трудот, подготвен од биостатистичарот Дејвид Роберт Грајмс од колеџот „Тринити“ во Даблин и британската дерматологка Анџали Махто, се наведува дека истражувањата за влијанието на додатоците со колаген врз стареењето на кожата содржат бројни методолошки недостатоци.
Истражувачите анализирале две метаанализи објавени во 2021 и 2023 година, при што откриле недоследности и грешки во статистичките пресметки.
Во една од анализите било утврдено дека резултат кој не бил статистички значаен бил погрешно претставен како значаен. По корекцијата на податоците, не била утврдена статистички значајна поврзаност меѓу дозата на колаген и зголемувањето на влажноста или еластичноста на кожата.
Експертите предупредуваат дека огромното мнозинство од анализираните истражувања биле финансиски поддржани од индустријата или дека нивните автори имале комерцијални врски со производителите на колаген.
Дополнително, било утврдено дека повеќето испитувања биле спроведени на мал број испитаници, додека возраста на учесниците, дневните дози на колаген и времетраењето на третманите значително се разликувале меѓу студиите.
Научниците посочуваат дека во дел од претходните истражувања колагенот бил користен во комбинација со други биолошки активни состојки, што дополнително ја намалува веродостојноста на резултатите и ја отежнува проценката на неговото самостојно дејство.
Иако е познато дека хидролизираниот колаген се разградува на помали молекули, наречени пептиди, со што се олеснува неговото варење, научниците нагласуваат дека сè уште нема доволно истражувања кај луѓе што потврдуваат дали овие супстанции навистина стигнуваат до кожата.
Експертите сметаат дека колагенот во иднина би можел да има одредена примена во дерматологијата, но нагласуваат дека во оваа фаза неговото рекламирање како научно потврдено средство против стареење не е оправдано.
Според авторите, сè додека не бидат обезбедени независни и висококвалитетни научни докази, здравствените работници не треба да препорачуваат додатоци во исхраната со колаген за спречување на стареењето на кожата.
Истовремено, се нагласува потребата професионалните организации, како Британското здружение на дерматолози и Европската академија за дерматологија и венерологија, да подготват и објават стручни насоки за употребата на овие производи.
