Кривичен суд

350.000 евра биле заштедени од продажба на земјоделски производи, тврдат родителите на Ристов

08.10.2026 17:38

На судењето за незаконско стекнување и прикривање имот, мајката на судијата Ѓоко Ристов рече дека парите биле собирани со години од продажба на земјоделски производи и чувани во ѕид. Одбраната, пак, го оспорува начинот на кој биле обезбедени доказите.

„Куќата ја изградивме ’75 година и оттогаш си имав тајно место каде ги криев парите од продажбата на бостан, дињи, пиперки …“ – вака мајката на судијата Ѓоко Ристов, Донка, го објасни потеклото на 350.000 евра кои полицијата ги најде вкопани во ѕид.

Таа рече дека со сопругот Здравко земјоделските производи ги продавале на пазари низ земјава, а со парите купувале марки, потоа и евра кои завршувале во ѕидот. Во банките немале доверба, а за приходите воделе евиденција во тетратка. Сличен исказ даде и таткото на судијата.

Обвинетиот Ѓоко и неговиот брат, тврдат родителите, не знаеле за парите, со кои сакале, како што велат, да си купат кревет во Геријатрија.

Исказ даде и кримтехничар од Неготино, кој за време на претресот освен што фотографирал, учествувал и во евидентирањето на парите. Рече дека не носел форензичко одело, ниту натикачи на чевлите, но имал заштитни ракавици. Поради ова, одбраната тврди, доказите се контаминирани.

На Ристов му се суди за незаконско стекнување и прикривање имот.

Анита Димитријевска – Велковска