Економија

Димитриеска-Кочоска: Ребалансот не е резултат на проблеми со ликвидноста, туку е навремена заштита на граѓаните

08.10.2026 17:51

Мерките за намалување на ДДВ–то и акцизата на горивата имаа директен ефект врз буџетските приходи, но навремената реакција за заштита на граѓаните е причина за вториот ребаланс кој не е резултат на проблеми со ликвидноста, вели министерката Кочовска Димитриевска. За разлика од неа од опозицијата велат дека причината е оти немало пари за плати и пензии.

Новото прекројување на државната каса е навремена реакција за заштита на граѓаните. Министерката за финансии презентирајќи го новиот ребаланс, рече дека приходите се проектираат на 374,2 милијарди денари (6,08 милијарди евра), а расходите на 420,5 милијарди денари (6,8 милијарди евра). Тоа значи дека во однос на јулскиот ребаланс се предвидуваат 5,3 милијарди денари (86,2 милиони евра) помалку приходи и исто толку расходи. Буџетскиот дефицит се задржува на 4,1% од БДП.

„Правиме корекции таму каде што се неопходни, штедиме таму каде што можеме, но продолжуваме да инвестираме таму каде што е најважно за идниот економски раст. Овој ребаланс не е чекор назад. Тој е навремена адаптација на буџетот на новите услови и потврда дека остануваме посветени на стабилни јавни финансии, заштита на животниот стандард и продолжување на економскиот раст“, истакна Димитриеска-Кочоска.

Новиот ребаланс е потребен за навремено усогласување на буџетските проекции со новите економски услови до крајот на годината. Намалувањето на акцизите на горивата и ДДВ-то за дизелот од 18% на 10% имаат јасна цел – да се заштити животниот стандард на граѓаните и да им се помогне на компаниите полесно да се справат со ценовниот шок.

Инфлацијата останува стабилна, рече министерката, но и дополни дека ова се прави за доброто на граѓаните полесно да го поминат периодот.

Опозицијата критикува дека буџетот е во лоша состојба и тоа било резултат на неправилните владини политики.

Од Владата рекоа дека пред два дена државата се задолжила со 150 милиони евра, наместо со предвидените 250 на меѓународниот пазар. Парите ќе се искористат за враќање на надворешен долг, од кои 100 милиони за отплата на камати и 54 милиони евра за исплата на главница.

И покрај глобалната енергетска криза, македонската економија до крајот на годинава би можела да оствари економски раст меѓу 3,5 и 4%.

Борис Грујоски