Регионална соработка

Коридор 8: Политичката посветеност да се претвори во конкретни инвестиции

08.10.2026 14:45

Муцунски порача дека Коридорот 8 е национален стратешки приоритет и дека променетото геополитичко опкружување ја зголемува потребата од сигурни и отпорни транспортни рути и синџири на снабдување.

Коридорот 8 е стратешки европски коридор што ги поврзува Јадранското и Црното Море и е од заеднички интерес за Македонија, Бугарија, Албанија и Европската Унија, порачаа министрите за надворешни работи Тимчо Муцунски и Велислава Петрова-Чамова и еврокомесарката за проширување Марта Кос на состанокот во Софија.

На состанокот беше нагласено дека политичката посветеност треба да се претвори во конкретна реализација и инвестиции. Коридорот, како што беше посочено, не е само транспортна врска, туку и платформа за економска, енергетска и безбедносна поврзаност.

Муцунски порача дека Коридорот 8 е национален стратешки приоритет и дека променетото геополитичко опкружување ја зголемува потребата од сигурни и отпорни транспортни рути и синџири на снабдување. Тој најави дека следниот министерски состанок за Коридорот 8 ќе се одржи во Скопје, со фокус на спроведувањето и конкретните резултати.

Еврокомесарката Кос информираше дека Европската Унија само во Северна Македонија и Албанија го поддржува Коридорот 8 со 319 милиони евра. Таа порача дека изградбата на транспортните врски денес ги создава основите за поврзана Европа во иднина.

Бугарската министерка Петрова-Чамова оцени дека е потребно политичката волја да се претвори во практична реализација и да се обезбедат инвестиции за проектот да се реализира во предвидените рокови.