Инфекцијата на коските е ретка појава, не секое дете кое ја примило спорната БСЖ вакцина ќе има несакани реакции
Инфекцијата на коските е ретка појава, но родителите треба да бидат претпазливи. Доколку забележат оток или болка кај децата да направат испитувања. Имунизацијата привремено е стопирана. Ќе продолжи откако ќе пристигнат БСЖ вакцините кои здравствените власти ги набавија од јапонски производител.

Не секое дете кое примило од спорната серија БСЖ вакцина ќе има несакани реакции, смируваат лекарите. Инфекцијата на коските е ретка појава, но родителите треба да бидат претпазливи. Доколку забележат оток или болка кај децата да направат испитувања. Реакциите најчесто се јавуваат помеѓу 12 и 16 месеци по имунизацијата, но не се исклучува да ги има и после втората година.
„Доколку постои некакво сомневање дека детето има некаков оток на ногата, на раката, тој оток е болен има ограничување на движењата на екстремитетот, ја штеди ногата, криви кога оди, тогаш ќе побараат лекарска помош. Но, нема простор за загриженост, не значи дека секое дете кое примило вакцина треба да прави испитувања или снимки“, вели д-р Катерина Бошковска – директор на Клиниката за белодробни заболувања – Козле.
Имунизацијата привремено е стопирана. Ќе продолжи откако ќе пристигнат БСЖ вакцините кои здравствените власти ги набавија од јапонски производител. Но, и неколку недели да биде одложена нема простор за загриженост – велат лекарите. Македонија е земја со ниска стапка на заболени, со околу 150 случаи годишно.
Секоја година околу 15 илјади новороденчиња примаат БСЖ вакцина пред да го напуштат родилиштето. Вакцината од бугарскиот производител се користеше повеќе од две децении. Освен една пријава за локална реакција, други несакани ефекти во изминатите години не се евидентирани.
Андријана Ѓурческа
