Позициите со Бугарија и натаму далечни, дијалогот продолжува
Муцунски оцени дека средбата поминала во конструктивен дух, но нагласи дека позициите на двете држави за суштинските прашања и натаму се далечни и дека не е постигнат конкретен напредок.

Македонија останува на ставот дека прашањата за идентитетот не треба да бидат пречка на европскиот пат. Бугарија не отстапува од позицијата дека најдобра гаранција се уставните измени и исполнувањето на договорите-епилог од средбата на Муцунски и Петрова-Чамова во Софија. Била конструктивна, но позициите останале значително оддалечени.
Шефот на македонската дипломатија посочи дека постои висок степен на недоверба во однос на процесот на европската интеграција, особено во поглед на неговата предвидливост. Според Муцунски, недовербата кај македонската страна произлегува од тоа што низ годините, по затворањето на едно билатерално прашање, се отворале нови барања.
Муцунски повтори дека прашањата поврзани со јазикот, идентитетот, историјата и културата не треба да го оптоваруваат европскиот пат на државата. Тој нагласи дека дијалогот мора да продолжи, иако сам по себе не е гаранција дека ќе се постигне решение.
Бугарската министерка Петрова-Чамова изјави дека на средбата го прашала Муцунски кога би можеле да се случат уставните измени, на што, според неа, тој одговорил дека е потребно да се изгради чувство на доверба.
Муцунски се сретна и со еврокомесарката за проширување Марта Кос. На средбата разговарале за реформската агенда, стратешките интереси на Македонија и Европската Унија, како и за билатералните односи со Бугарија и можноста Унијата да придонесе за напредок во процесот.
Според Муцунски, во Европската комисија постои сериозен интерес да се постигне напредок во процесот на отворање на преговорите за членство на Македонија во ЕУ.
