ЦУК: 31 пожар на отворено во едно деноноќие, четири се активни
Вкупно 31 пожар на отворено се регистрирани во периодот од 8 до 9 октомври до 7:30 часот, информира Центарот за управување со кризи. Четири пожари сè уште се активни во општините Студеничани, Чашка и Липково, а останатите 27 се изгаснати.

Четири пожари на отворено се активни во земјава, а 27 се изгаснати, според утринскиот извештај на Центарот за управување со кризи, заклучно со 7:30 часот.
Активни пожари има во општина Студеничани, меѓу селата Драчевица и Цветово, во месноста Калдиред, каде гори ниска вегетација, како и во селото Јаболчиште во општина Чашка, каде е зафатена букова и дабова шума, кривуљ и ниска вегетација.
Два пожара се активни и во општина Липково – во селото Стрима, во месноста Гури Куќ, каде гори борова и нискостеблеста шума, и во селото Матејче, каде е зафатена ниска вегетација.
Од вкупно 31 регистриран пожар во периодот од 8 до 9 октомври, останатите 27 се изгаснати. Пожари биле регистрирани во повеќе општини, меѓу кои Сарај, Аеродром, Гази Баба, Могила, Прилеп, Битола, Куманово, Виница и Врапчиште.
Покрај ниската вегетација, во дел од пожарите биле зафатени стрништа, шуми, ниви, отпад и диви депонии.
