Астрономите открија мистериозна енергетска експлозија од многу далечна галаксија

09.10.2026 09:27

Пред многу време, во една многу далечна галаксија, во вселената била ослободена мистериозна енергетска експлозија. Астрономите го откриле овој сигнал, кој патувал повеќе од 10 милијарди години пред да стигне до Земјата. Се верува дека станува збор за најоддалечениот брз радиоизблик што некогаш бил регистриран.

Брзите радиоизблици се интензивни експлозии на радиобранови кои за само неколку милисекунди можат да ослободат количество енергија што Сонцето го емитува во текот на месеци или години.

Овие мистериозни сигнали, првпат откриени во 2007 година, оттогаш ги збунуваат научниците, а некои истражувачи дури претпоставуваат дека би можеле да имаат вонземско потекло.

Во новото истражување објавено во научното списание „Сајенс“, истражувачите откриле радиоизблик што настанал кога универзумот бил стар само околу три милијарди години.

Тоа значи дека сигналот патувал низ вселената во текот на приближно 80 проценти од досегашната историја на универзумот.

Радиоизбликот, означен како FRB 20240304B, се смета за најоддалечениот досега откриен сигнал од ваков вид, со што претходниот рекорд за оддалеченост е двојно надминат.

Научниците го откриле сигналот со помош на радиотелескопот „МирКАТ“ во Јужна Африка, а потоа ја идентификувале галаксијата од која потекнува со помош на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ на Американската агенција за воздухопловство и вселенски истражувања (НАСА).

Д-р Темија Нанајакара од Универзитетот во Сиднеј, еден од водечките истражувачи на студијата, изјавил дека во моментот кога се случила експлозијата, Земјата и Сонцето сè уште не постоеле.

Податоците добиени од телескопот „Џејмс Веб“ покажале дека сигналот потекнува од млада и мала галаксија, во која со исклучително голема брзина се формираат нови ѕвезди и која содржи релативно мали количества метали.

Постојат повеќе теории за потеклото на брзите радиоизблици. Според една од нив, тие настануваат од магнетари - неутронски ѕвезди со исклучително силни магнетни полиња.

Нанајакара истакнал дека, каков и да е механизмот што го предизвикал овој радиоизблик, тој мора да може да објасни како ваквите сигнали настануваат во млади галаксии со мала содржина на метали.

Од 2007 година досега се откриени повеќе од 10 илјади брзи радиоизблици.

Според Нанајакара, некои од нив постојано се повторуваат, други се повторуваат одреден период, а потоа престануваат, додека трети се појавуваат само еднаш и никогаш повеќе не се регистрираат.

Сè уште не е утврдено дали новооткриениот далечен радиоизблик претставува еднократна појава или во иднина ќе бидат забележани повторени сигнали од истиот извор.

Нанајакара посочил дека најинтересниот аспект на брзите радиоизблици е тоа што научниците не мора да знаат што точно ги предизвикува за да можат да ги користат во одредени научни истражувања.

Тој нагласил дека конкретниот сигнал патувал низ вселената во текот на период што опфаќа приближно 80 проценти од староста на универзумот.

Според него, откривањето поголем број вакви далечни радиоизблици ќе им овозможи на научниците да ја мапираат невидливата материја во оддалечените делови на универзумот.

Професорот Метју Бејлс од Универзитетот „Свинбурн“, еден од астрофизичарите што први ги откриле брзите радиоизблици, оценил дека новото истражување потврдува колку овие сигнали се моќна алатка за проучување на универзумот.

Бејлс ги опишал како еден од основните начини за утврдување на бројот на атоми во универзумот.

Брзите радиоизблици се под влијание на честичките низ кои поминуваат за време на нивното патување низ вселената. Благодарение на тоа, научниците можат да ја проценат количината на материја што не може да се забележи со оптички телескопи.

Астрофизичарката д-р Сара Веб од Универзитетот „Свинбурн“, која не учествувала во истражувањето, изјавила дека овие сигнали можат да се користат за процена на количеството материја низ кое поминале пред да стигнат до Земјата.

Според Веб, новото откритие укажува дека брзите радиоизблици можеби биле многу распространета појава во раниот универзум.