Во функција еден од компјутерските томографи на Институтот за радиологија
Еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија во Скопје од денеска повторно е во функција и е достапен за дијагностички прегледи. Почна и организирано закажување нови термини за пациентите чии прегледи беа презакажани, а за побрза реализација ќе се работи во две смени и во текот на претстојниот викенд. Сервисирањето на томографот во хируршкиот комплекс сè уште е во тек.

Еден од компјутерските томографи на Универзитетскиот институт за радиологија – Скопје од денеска е ставен во функција и е достапен за извршување дијагностички прегледи, информираат од Министерството за здравство.
Почна организирано повикување и закажување нови термини за пациентите чии прегледи беа привремено презакажани поради настанатата состојба. Со цел прегледите да се реализираат во најкраток можен рок, работата е организирана во две смени, а дополнителни термини ќе има и во текот на претстојниот викенд.
Од Институтот посочуваат дека прегледите ќе се реализираат согласно расположливите капацитети и утврдените медицински приоритети.
Сервисирањето на компјутерскиот томограф во хируршкиот комплекс, кој првенствено е наменет за дијагностика на итни пациенти, сè уште е во тек, а се очекува да заврши наскоро.
Во меѓувреме, итните пациенти се згрижуваат во Градската општа болница „8 Септември“ и Хируршката клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје, согласно меѓуинституционалната координација за обезбедување континуитет на неопходните дијагностички услуги.
Од Институтот апелираат да не се споделуваат непроверени информации во јавноста, со цел да не се нарушува довербата во здравствениот систем.
