„Клод“ на „Антропик“ започна да го истражува генетскиот код на вирусите

09.10.2026 09:37

Раководителите на компаниите за вештачка интелигенција вложуваат значителни средства во биологијата. Тие сметаат дека големите јазични модели, кои веќе значително ги променија програмирањето, развојот на софтвер и математиката, би можеле на сличен начин да ги преобразат и биолошките истражувања. Сепак, обидот на една компанија да го постигне тоа веќе предизвика бран скептицизам и полемики.

Компанијата „Антропик“, која стои зад системот за вештачка интелигенција „Клод“, минатиот месец соопшти дека нејзината лабораторија за биолошки истражувања користела агенти со вештачка интелигенција за откривање необичен образец во ДНК на вирусите, особено во нов ензимски систем.

Оваа структура наликува на микробиолошкиот систем што се користи во алатките за уредување гени, како што е CRISPR-Cas9, со кои се менува ДНК на живите организми. Оваа технологија широко се применува во лабораториите низ светот, а на нејзините откривачи им ја донесе Нобеловата награда за хемија во 2020 година.

Извршниот директор на „Антропик“, Дарио Амодеи, во објава на социјалните мрежи истакна дека откритието има голем научен потенцијал.

Во објава на платформата „Икс“, Амодеи напиша дека го претставуваат откритието на молекуларен механизам, направено под водство на „Клод“, за кој се сомневаат дека би можел да претставува нов начин на уредување на гените.

Од „Антропик“ соопштија дека откритието било направено со насоки од искусни научници. Веднаш по објавувањето на информацијата, акциите на компаниите што развиваат технологии за уредување гени забележале пад.

Сепак, дел од експертите кои не учествувале во истражувањето оценуваат дека станува збор за првични и ограничени резултати, кои сè уште се далеку од вистински научен пробив.

Вонредниот професор Арон Енгелхарт од Одделот за генетика, клеточна биологија и развој при Универзитетот во Минесота изјави дека резултатите се многу интересни, но дека во оваа фаза не докажуваат можност за уредување гени, ниту даваат целосно објаснување за механизмот на дејствување.

Според документот во кој е детално претставено истражувањето, научниците од „Антропик“ сè уште не утврдиле каква е вистинската функција на новооткриените вирусни генетски секвенци. Оттука, останува непознато дали тие претставуваат механизам што би можел да има практична примена слична на алатките CRISPR.

Истражувањето сè уште не е објавено во научно списание со стручна рецензија.

Сепак, научниците, меѓу кои и Енгелхарт, сметаат дека откритието заслужува дополнителни истражувања.

Во соопштение на компанијата се наведува дека професорот Фенг Жанг од Технолошкиот институт во Масачусетс (МИТ) и Институтот „Броуд“, еден од пионерите во примената на технологијата CRISPR за лекување на српеста анемија, го оценил истражувањето како навистина интересно.

Само неколку дена по соопштението на „Антропик“, Марио Родригез Местре, кој неодамна го завршил своето докторско истражување на Универзитетот во Копенхаген, тврдел дека во неговото сè уште необјавено истражување биле идентификувани истите вирусни структури.

Местре, кој навел дека интензивно го користел „Клод“ при изработката на докторскиот труд, во изјава испратена по електронска пошта нагласил дека станува збор за истото откритие, а не само за две истражувачки групи кои проучувале сродни протеински семејства или слични биолошки системи.

Неговите тврдења потсетуваат на реакциите на математичарите по соопштението на компанијата „ОпенАИ“, која го разви „ЧетГПТ“, дека успеала да реши долгогодишен и значаен математички проблем.

Овие тврдења отвораат и прашања за начинот на кој „Клод“ дошол до откритието.

Биолозите од лабораторијата на „Антропик“ објасниле дека му дале задача на „Клод“ да пребарува огромна база на податоци со ДНК-секвенци, барајќи нови и интересни примери на ензимот обратна транскриптаза (RT).

Овој ензим ја претвора генетската информација од РНК во ДНК и на тој начин има улога во пренесувањето на генетските информации во организмите.

Компанијата соопшти дека 950 агенти со вештачка интелигенција, способни самостојно да планираат и извршуваат задачи, ги пребарувале податоците во текот на 21 час и избрале 3.500 примери на обратна транскриптаза.

Потоа изборот бил стеснет на 20 најинтересни примери. Според „Антропик“, на искусен научник за ваква анализа би му биле потребни од неколку недели до неколку месеци.

Компанијата навела дека еден од агентите открил повторувачки образец на ДНК-секвенци во близина на необичен ген за обратна транскриптаза.

По деталната анализа, агентот заклучил дека можеби открил нов биолошки систем и подготвил извештај за проверка од страна на научниците.

„Антропик“ соопшти дека научниците од нејзината биолошка лабораторија потоа го анализирале и тестирале откритието, идентификувајќи претходно неистражен биолошки систем кај бактериофагите, со структура слична на системот CRISPR, кој природно се среќава кај бактериите.

Местре, пак, изјавил дека во својата приватна сметка на „Клод“ споделувал необјавени истражувачки материјали, вклучувајќи нацрт-верзии на докторскиот труд, анализи и документи во кои биле опишани истите системи.

Тој нагласил дека не тврди оти „Антропик“ намерно ја презел неговата работа и дека нема докази за такво нешто.

Според Местре, една можност е информациите од неговото истражување на некаков начин да стигнале до моделот и да биле искористени при неговото обучување.

Сепак, како поверојатно објаснување тој ја посочил можноста зад наводното автономно откритие да стојат многу повеќе претходни научни сознанија и човечки насоки отколку што се претставува во јавноста.

„Антропик“ не одговорил на барањата за коментар.

Професорот по молекуларни бионауки на Универзитетот во Тексас во Остин, Илја Финкелштајн, истакнал дека не е невообичаено различни истражувачки групи да дојдат до исто откритие.

Сепак, тој оценил дека тврдењата на Местре се сериозни и дека по овој случај многу научници би можеле внимателно да размислат пред да внесат необјавени резултати од своите истражувања во алатки со вештачка интелигенција.

Професорот по геномско невросликање и вештачка интелигенција на Кралскиот колеџ во Лондон, Густаво Судре, смета дека соопштението на „Антропик“ покажува дека вештачката интелигенција почнува да работи со поголема самостојност во научните истражувања.

Според Судре, системот добил општи насоки, по што морал самостојно да процени кои податоци се интересни и заслужуваат дополнително истражување.

Тој оценил дека ова претставува значително отстапување од вообичаените задачи за анализа на податоци.

Финкелштајн, пак, истакнал дека вештачката интелигенција покажала поголем успех во пронаоѓањето ретки и тешко забележливи информации отколку во остварувањето вистински креативен научен пробив.

Според него, алатките со вештачка интелигенција можат да помогнат во истражувањето области во кои студентите и научниците би се измориле или би изгубиле интерес пред да откријат значаен образец.

Тој објаснил дека овие системи можат многу брзо да испитаат голем број истражувачки насоки што не водат до корисни резултати и дека се особено ефикасни во сложени и обемни задачи кога се раководени од експерти.

Финкелштајн посочил и дека главниот автор на трудот на „Антропик“, д-р Питер Јун, претходно работел во лабораторијата на Џенифер Даудна, една од клучните научнички во развојот на технологијата CRISPR-Cas9.

Даудна во 2020 година ја доби Нобеловата награда за хемија заедно со Емануел Шарпантје.

Според Финкелштајн, ова покажува дека агентите со вештачка интелигенција на „Антропик“ биле насочувани од врвни експерти во својата област.

Тој нагласил дека четворица од шестемина автори на истражувањето се искусни молекуларни биолози и специјалисти.

Финкелштајн изразил уверување дека со обезбедување големи пресметковни капацитети и напредни модели на вакви научни тимови, во иднина би можеле да се постигнат уште поинтересни откритија во биоинформатиката.

Сепак, други истражувачи предупредуваат дека тврдењата за автономни научни откритија со помош на вештачката интелигенција се претерани и дека создаваат поголеми очекувања отколку што ги оправдуваат реалните научни резултати.

Според нив, и покрај спротивните тврдења, моделите сè уште не се способни целосно самостојно да создаваат значајни научни резултати.

Судре истакнал дека овозможувањето еден модел да пребарува огромни количества податоци, во обем што не може да го постигне човек, несомнено придонесува за развојот на науката.

Сепак, тоа не мора нужно да значи дека е постигнат голем научен напредок.

Тој нагласил дека најголемиот дел од научната работа се наоѓа токму во просторот меѓу откривањето интересен образец и неговото претворање во корисно знаење.

„Антропик“ на почетокот на годинава ја претстави алатката „Клод Сајенс“, наменета за научни истражувања.

Во меѓувреме, и конкурентските компании претставија слични алатки, меѓу кои „ГПТ-Розалинд“ на „ОпенАИ“, „Квајн“ на „Мајкрософт“ и „Ко-Сајентист“ на „Гугл Дипмајнд“.

Овие системи функционираат слично како големите јазични модели, но истовремено користат и специјализирани научни бази на податоци, како што се базите со ДНК-секвенци.

Сепак, сигурноста на моделите во голема мера зависи од квалитетот на податоците со кои се обучени.

На пример, успехот на системот „АлфаФолд“ на „Гугл Дипмајнд“, чиј придонес во предвидувањето на протеинските структури беше награден со Нобеловата награда за хемија во 2024 година, се должи на неговото обучување со специјализирани податоци собирани во текот на повеќе децении.

Компаниите што развиваат вештачка интелигенција се соочуваат со зголемен јавен надзор поради загриженоста за можноста автономните агенти да излезат од контрола и прашањето дали компаниите можат соодветно да ги надгледуваат.

Биолошките откритија им овозможуваат на раководителите на овие компании да претстават попозитивна слика за своите технологии, како противтежа на загрижувачките сценарија за ризиците од вештачката интелигенција.

Сепак, постигнувањето значајни и конкретни резултати во биологијата најверојатно ќе бара интегрирање на моделите со роботски системи што ќе можат да извршуваат практични лабораториски задачи.

Вонредниот професор по биохемиски технологии на Империјалниот колеџ во Лондон, Јувал Елани, истакнал дека биологијата не е математика.

Според него, во одреден момент интелигенцијата мора да се примени во физичкиот свет преку роботи способни да извршуваат прецизни и специфични експериментални задачи, какви што еден добар студент вообичаено ги извршува речиси инстинктивно.

Елани оценил дека, според досегашниот развој на роботиката и автоматизацијата, науката сè уште е далеку од такво ниво.

Поради тоа, смета дека ќе биде потребно време пред големите очекувања од вештачката интелигенција во биологијата да добијат целосна научна потврда.

Од „Антропик“ наведуваат дека се свесни за ограничувањата на вештачката интелигенција и дека инвестираат во развој на модели и опрема што ќе им овозможат на агентите безбедно да управуваат со физички уреди.

Густаво Судре од Кралскиот колеџ во Лондон, кој работи на истражувања што обединуваат геномски, клинички, невролошки и когнитивни податоци за предвидување на развојот на симптоми поврзани со менталното здравје кај децата, нагласил дека улогата на човекот во науката не се намалува.

Според него, вистинскиот ризик не е научниците да бидат исклучени од процесот на откривање, туку да станат премногу зависни од технологијата и да престанат да го користат сопственото расудување при проценувањето дали одреден резултат има научно значење.

Следниот чекор за научниците на „Антропик“ ќе биде спроведување лабораториски експерименти за подобро разбирање на откриениот образец и утврдување дали новата структура може да има практична примена во биотехнологијата.

Судре посочил дека во иднина дел од овие задачи би можеле да ги преземат роботите.

Сепак, тој нагласил дека научните прашања што навистина заслужуваат истражување не се едноставно скриени во базите на податоци и не чекаат да бидат откриени.

Според него, тие произлегуваат од прашањата што ги интересираат луѓето, од нивните потреби и од проблемите што ги загрижуваат.