Хорнер скапо го чинеше Ред Бул
Кристијан Хорнер добил отштета од околу 79 милиони евра од Ред Бул по неговото разрешување од функцијата минатата година.

Кристијан Хорнер добил отштета од околу 79 милиони евра од тимот на Ред Бул по неговото отпуштање минатата година. Информацијата произлегува од финансискиот извештај на компанијата, во кој се наведува исплата од 67 милиони британски фунти како надомест за прекин на работниот однос.
Педесет и двегодишниот поранешен директор на Ред Бул ја заврши својата дваесетгодишна кариера во тимот што се натпреварува во Формула 1.
За време на неговото раководење, Ред Бул освои осум шампионски титули во конкуренција на возачи и шест титули во конкуренција на конструктори.
Во моментот на разрешувањето, Хорнер имал уште шест години од договорот. Одлуката за неговото заминување била донесена поради влошените резултати на тркачката патека и внатрешните тензии во тимот.
Покрај отштетата, Хорнер добил и нешто повеќе од девет милиони британски фунти на име плати, како и дополнителни 10.000 фунти за пензиски придонеси.
Вкупниот износ што Ред Бул му го исплатил на поранешниот директор достигнува 89,6 милиони евра.
Според британскиот таблоид „Сан“, австрискиот тим засега не ги коментирал информациите за финансиската спогодба со Хорнер.
