Работнички и Штип УГД го освоија Суперкупот на Македонија
Одбојкарските клубови Работнички во женска и Штип УГД во машка конкуренција се првите освојувачи на Суперкупот на Македонија, со што успешно ја започнаа новата сезона 2026/2027.

Одбојкарките на Работнички ја започнаа новата сезона со освоен трофеј, откако триумфираа во првото издание на Суперкупот на Македонија во женска конкуренција, кој од оваа година го носи името на одбојкарската легенда „Бранко Хаџииљоски - Чајка“.
Во градското дерби против Вардар, Работнички славеше со убедливи 3:0 во сетови, потврдувајќи ја својата доминација на теренот.
Одбојкарките на Работнички го контролираа натпреварот уште од самиот почеток, освојувајќи го првиот сет со 25:16. Вториот сет донесе поголема неизвесност и израмнета игра, но Работнички успеа да го добие со 25:23.
Во третиот сет, одбојкарките од „Градски парк“ повторно беа поуспешни, славејќи со 25:21, со што го обезбедија историскиот прв трофеј во ова натпреварување.
Во машка конкуренција, трофејот го освои екипата на Штип УГД, која со идентични 3:0 во сетови го совлада Борец од Велес.
Натпреварите од Суперкупот во двете конкуренции претставуваа најава за почетокот на новата сезона во македонската одбојка.
