Изложба „20 години архива на независна културна сцена“ од Наташа Гелева-Лени
На 14 октомври во 20 часот ќе биде отворена изложбата во Културно-информативниот Центар (КИЦ) каде што ќе може да се види дел од селекцијата вметната во монографијата „20 години архива на независна културна сцена“ во издание на „Илика“.

На 14 октомври во 20 часот ќе биде отворена изложбата во Културно-информативниот Центар (КИЦ) каде што ќе може да се види дел од селекцијата вметната во монографијата „20 години архива на независна културна сцена“ во издание на „Илика“. Монографијата, пак, низ разговор помеѓу уметницата Наташа Гелева-Лени, кураторот Владимир Јанчевски и уредничката Катерина Шекутковска ќе биде посебно промотивно претставена пред публика на 20 октомври во 19 часот, исто така во просториите на КИЦ. Изложбата ќе биде отворена за посетители помеѓу 14 и 28 октомври.
Во воведниот текст на монографијата, кураторот Владимир Јанчевски вели: „Во свет каде што културната амнезија е алгоритамски поттикната низ претрупувачката силина на бранот, фотографиите на Гелева делуваат како места на отпор: го забавуваат времето и создаваат еден многу природен континуитет. Тие сугерираат дека културната меморија не е изградена од големи наративи, туку од мали, упорни чинови на гледање и паметење. Документирајќи ја често занемарената сцена со внимание, во контекстот во којшто се создава, таа повторно ја бара фотографијата не како спектакл, туку како разговор – меѓу луѓето, помеѓу минатото и иднината, помеѓу она што се гледа и она што треба да се доживее и да се преживее.“
Изложбата и монографијата „20 години архива на независна културна сцена“ на Наташа Гелева – Лени се создадени од тим кој ја вклучува самата уметница, уредниците на „Илика“, кураторот Владимир Јанчевски, дизајнерите Ема Велковска, Марија Смилевска и Оливер Илиевски.
„20 години архива на независна културна сцена“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд.
