РСБСП со апел пред продолжениот викенд: Возете одговорно, секој живот е важен

09.10.2026 12:29

По повод претстојниот празник 11 Октомври и очекуваната зголемена фреквенција на возила на патиштата, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) упатува апел до сите учесници во сообраќајот за поголема внимателност, одговорност и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.

Од РСБСП посочуваат дека за време на празниците и продолжените викенди поголем број граѓани патуваат, што доведува до зголемен сообраќај и поголем ризик од сообраќајни незгоди. Затоа, нагласуваат дека безбедноста треба да биде приоритет при секое патување.

Советот апелира до возачите да ги почитуваат ограничувањата на брзината и да го приспособат возењето на условите на патот, да не управуваат со возило под дејство на алкохол или психотропни супстанции и да не користат мобилни телефони додека возат.

Дополнително, се препорачува задолжително користење сигурносен појас, соодветни детски седишта, одржување безбедно растојание меѓу возилата и избегнување ризични престигнувања. Пред подолго патување, возачите треба да ја проверат техничката исправност на возилата, особено пневматиците, сопирачките и светлосната сигнализација, како и да прават паузи доколку почувствуваат замор.

Од РСБСП потсетуваат дека брзањето, невниманието и преценувањето на сопствените возачки способности можат да доведат до сериозни последици.

„Неколку минути порано на крајната дестинација никогаш не се поважни од човечкиот живот“, нагласуваат од Советот.

Апелот е упатен и до пешаците, велосипедистите и мотоциклистите, кои се повикуваат на зголемена внимателност, видливост и почитување на сообраќајните правила, особено при преминување и движење покрај коловозот.

Од РСБСП порачуваат празникот 11 Октомври да биде повод за празнување, дружење и безбедно патување, а не причина за сообраќајни незгоди и трагедии.

„Вози одговорно - секој живот е важен“, е пораката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.