Американски КСС почнува со регрутација на кадри
Најави 800 до илјада нови вработувања, по изградбата на нов капацитет на површина од 12 илјади квадратни метри, што ќе почне наредната година...

Американската КСС (Ки сејфти систем) го изгради погонот за производство во Кичево. Ќе произведува воздушни перничиња за светски марки на автомобили.
Распиша оглас за стотина вработувања. Најави 800 до илјада нови вработувања, по изградбата на нов капацитет на површина од 12 илјади квадратни метри, што ќе почне наредната година.
„Ќе ги почнеме разговорите со персоналот на фабриката следната недела. Имаме потреба од работни места за менаџери, за човечки ресурси, за финансии, инженери за производство и контрола на производство, инженери за квалитет, информатичари, за врските со Царина, исто така имаме потреба од техничари за шиење и за администрација“, вели заменик претседателот за глобално производство на КСС, Џим Скарпа.
Градбата треба да започне пред крајот на оваа година. За време на третиот квартал идната година, фабриката ќе биде целосно функционална.
„Во меѓувреме целиот овој процес на регрутација кој започна оваа недела, претставници од КСС ќе се тука и идната недела, како што кажа Џим Скарпа, тоа се менаџерски позиции кои во првиот круг тие ќе пробаат да ги најдат и да ги вработат. Компанијата по почетокот на работа во постоечката браунфилд локација веднаш ќе започне со регрутирање и драстично зголемување на вработените идната година“, нагласи директорот на ТИРЗ, Виктор Мизо.
Инвестицијата на КСС изнесува 20 милиони евра.
