Ѓорѓиевски: Пристигна првата испорака – 3.300 нови контејнери за Скопје
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска направи увид на првата испорака од новите контејнери, кои уште денеска ќе бидат распоредени низ Скопје...

Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска направи увид на првата испорака од новите контејнери, кои уште денеска ќе бидат распоредени низ Скопје.
- Денес пристигна првата испорака од вкупно 3.300 нови контејнери, најголемата набавка на контејнери во историјата на Скопје. Ги заменуваме скршените и дотраени контејнери, го зголемуваме нивниот број и обезбедуваме повеќе места за правилно одлагање на отпадот. Особено важно е што истите контејнери, за кои моите претходници плаќале по 18.600 денари, ние ги набавуваме по двојно пониска цена и тоа во време на глобален раст на цените. Тоа значи да се води сметка за секој денар на граѓаните. Чист град значи поздрав живот, поуредни населби и подостоинствено секојдневие за секој човек. Нашите деца заслужуваат да растат покрај чисти улици и паркови, а скопјани заслужуваат град со кој ќе се гордеат – изјави Ѓорѓиевски.
Истовремено, Ѓорѓиевски апелираше да се чува новата опрема и да се почитува комуналниот ред во градот Скопје.
- Чекор по чекор, го менуваме ликот на Скопје. Новата опрема мора да се почувствува таму каде што е најважно – пред нашите домови, во нашите маала и на улиците по кои секојдневно се движиме. Но, за чисто Скопје потребна е и совеста на секој од нас. Упатувам јасен апел до граѓаните, да го чуваме она што е наше, заедничко. На градежниот шут и кабастиот отпад не им е местото ниту во контејнерите ниту покрај нив. Со таквото однесување се оштетува опремата, се отежнува собирањето на сметот и се создаваат диви депонии среде нашите населби. За ваквата неодговорност нема да има толеранција – нагласи Ѓорѓиевски.
Градоначалникот Ѓорѓиевски истакна дека заедно со новите камиони, кои следната недела ќе бидат пуштени во работа, се создаваат услови за побрзо и поефикасно собирање на сметот и почисти населби низ цело Скопје. Дополнително, обезбедени се и 60 контејнери за селекција на стакло, кое треба да заврши на рециклирање, а со неговото одделно собирање се намалува мешаниот отпад и се зголемува заштитата на животната средина.
