Николоски: Нова авиолинија Подгорица-Скопје и поврзување на пристаништето Бар преку изгрaдба на автопатот Скопје-Блаце
Подобро авионско и патно поврзување, како и заеднички настап пред европските фондови и банки, биле меѓу темите на средбите на вицепремиерот Александар Николоски со црногорскиот државен врв во Подгорица. Николоски најави дека во краток рок се очекува потпишување договор за директна авиолинија меѓу Скопје и Подгорица, а автопатот Скопје – Блаце, според него, ќе овозможи и поврзување со пристаништето Бар.

Воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Подгорица и подобрување на патното поврзување биле во фокусот на разговорите на вицепремиерот Александар Николоски со највисоките претставници на Црна Гора, во рамки на работната посета на Подгорица.
Николоски се сретнал со црногорскиот премиер Милојко Спајиќ, вицепремиерот за европски и надворешни работи Филип Ивановиќ и министерот за транспорт Радош Зечевиќ.
По средбите, Николоски изјави дека во краток рок се очекува потпишување договор за директен лет меѓу Скопје и Подгорица. Според него, авиолинијата ќе придонесе за развој на туризмот и бизнис-соработката меѓу двете држави, како и за растот на аеродромите во двата главни града.
На средбите било разговарано и за патното поврзување, при што Николоски посочи дека изградбата на автопатот Скопје – Блаце ќе овозможи поврзување со пристаништето Бар во Црна Гора. Како што рече, со тоа Македонија ќе добие дополнителна можност за пристап до пристаниште, покрај Солун и Драч, со кои се развиваат патни и железнички врски.
Тема на разговорите била и можноста за заеднички настап пред европските фондови и банки за финансирање проекти, особено во областа на интелигентните транспортни системи и поврзувањето на коридорите.
Николоски оцени дека средбите биле продуктивни и дека двете земји имаат простор за натамошно унапредување на соработката во транспортот, економијата и политиката.
