Македонија

Мицкоски не се појави на судењето по тужбата на Ленче Ристоска

09.10.2026 17:36

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, поради обврски не се појави во Граѓанскиот суд во Скопје, каде што обвинителката Ленче Ристоска сведочеше во спорот за наводна клевета и навреда. Таа бара отштета од 300.000 денари.

Поради обврски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски не е појави во скопскиот Граѓански суд да се соочи со обвинителката Ленче Ристоска, во врска со клеветите и навреди изнесени преку партиски соопштенија, во кои таа препознала и закана.

Ристоска сведочеше против ВМРО-ДПМНЕ поради како што рече низата навреди кон неа од типот „тажен симбол на неправда“, а тоа било насочено кон нејзина лична и професионална дискредитација. Бара судот да утврди клевета и навреда од ВМРО-ДПМНЕ и отштета во висина од 300.000 денари.

Според адвокатот на партијата, исказот на тужителката бил надвор од рамките на тужбеното барање и опфатил пошироки политички теми. Посочи дека не било задолжително присуството на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ.

Следните рочишта се закажани за јануари следната година.

Наташа Гркова-Петрушевска