Економија

Експертите и бизнисот за ребалансот на Буџетот

09.10.2026 19:20

Предупредување, повнимателно да се прават буџетските проекции. Вака дел од економистите го коментираат вториот ребаланс на државната каса годинава. По кратењето и во делот на капиталните инвестиции, бизнисот бара да се внимава на економската активност, но и на стандардот на граѓаните.

Вториот ребаланс на државната каса е предупредување дека буџетот за идната година треба да се планира пореално, со трошоци на мерки вклучени во планот однапред, вели професорот Синиша Наумовски. За новото прекројување, при кое приходите и расходите ќе се кратат за 86,2 милиони евра, Наумовски вели – државата ќе се обиде да го одржи дефицитот на исто ниво.

„Бројачот на 7-ми октомври на фискалните апарати говори дека приходите се некаде околу 268 милијарди денари, а од друга страна вкупните расходи се на некое ниво од околу 319 милијарди денари, или вкупно дефицитот од денес е 50 милијарди денари. Што е, некаде разликата над вишокот од приходи до крајот на годината што треба да ја оствари државната каса ќе биде околу 4,59 милијарди евра - приходи над расходи за да достигнеме ниво на буџетски дефицит од 46 милијарди денари согласно новиот предлог на ребаланс. Од моја страна загриженоста, главната загриженост во новиот ребаланс број два годинава е во делот на капиталните расходи или капиталните инвестиции, коишто се намалени за 5,7 милијарди денари“, вели Наумовски.

Од Бизнис конфедерацијата укажуваат да се внимава на стандардот на граѓаните.

„Малата економија, морам да кажам дека е жилава. Меѓутоа, ние не сакаме да биде жилава затоа што во таа жилавост постои и сива економија, и преживување, и заобиколување на процедурите, на законите, на правилата и така натаму. Загрижува дека повторно имаме ребаланс и дека треба економијата да очекува, секогаш да очекува поддршка од Владата и поддршка низ мерки. Се надеваме не само во економијата, во регистрираната економија, туку и во, низ Оперативниот план за вработување и останатите мерки за поддршка на економијата и на граѓаните - да не ги заборавиме - дека ќе треба да се најдат средства за да се задржи стандардот“, изјави Миле Бошков – Бизнис Конфедерација на Северна Македонија

Од ресорот финансии информираа дека ребалансот не е резултат на проблеми со ликвидноста, туку на војните кои се рефлектираат на поскапување на енергенсите што не може да се предвиди, и на фактот дека за да се заштити стандардот на граѓаните се донесе одлука за намалување на ДДВ и акцизите за горивата. Тоа имаше директно влијание врз приходите.

Анита Димитријевска – Велковска