Прославата за 35 години независност чинела 5,5 милиони евра
Финансискиот извештај за прославата на 35-годишнината од независноста покажува дека биле потрошени 5,5 милиони евра, од кои нешто повеќе од два милиона за хонорари на 67 артисти. Според директорот на „Државна лотарија“, Александар Климовски, поединечните износи не можат да бидат соопштени поради доверливоста на договорите меѓу организаторот и изведувачите.

Пет ипол милиони евра се потрошени за чествувањето на Денот на независноста. Опфатени беа 18-те настани во 13 градови. Финансискиот документ презентиран во Владата, укажува дека од потрошените пари, најголем дел одат за хонорари на 67 артисти кои учествуваа во програмата нешто повеќе од два милиони евра.
Остатокот е потрошен на продукција, логистика, хонорарни соработници и маркетинг, посочи првиот човек на „Државна лотарија“, Александар Климовски.
Акционерот во „Лотарија“, Владата преку дивидендата побарала организација на „Силно светнал ден“. Кој колку добил, Климовски не може да се соопшти бидејќи станува збор за доверливи договори меѓу фирмата „Стардаст“ која ги организираше концертите и изведувачите. Нема ништо спорно во договореното и парите се префрлени од „Лотарија“ на „Стардаст“ по склучување на договорот.
За нас достоинствено одбележување на националните јубилеј подразбира истовремено почитување на историјата, афирмирање на националната култура, отворање простор за современ уметнички израз и одговорност за користењето на јавните средства – посочи портпаролката на Владата, Марија Митева.
Прославата од 35-годишнината на независноста на Македонија само во Скопје на концертот на Гета ја проследија околу 50.000 граѓани. Климовски не се сомнева во извештајот доставен од „Стардаст“ фирмата организатор на настаните која во проектот во оние 5,5 милиони успеала преку донации да обезбеди над 600.000 евра.
Миле А. Ристески
