Без промена на позициите по средбата Скопје-Софија
И покрај тоа што и по последниот состанок меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Муцунски и Петрова – Чамова немаше поголем исчекор, сепак, првиот човек на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски вели дека очекува забрзана динамика во процесот...

Добро е што се откочи дијалогот меѓу Скопје и Софија. И покрај тоа што и по последниот состанок меѓу шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Муцунски и Петрова – Чамова немаше поголем исчекор, сепак, првиот човек на Македонскиот центар за меѓународна соработка, Александар Кржаловски вели дека очекува забрзана динамика во процесот. Според него, Владата треба да го искористи периодот до декемврискиот Самит, на кој според најавите ќе биде усвоена новата методологија за проширувањето на Европската унија. Кржаловски проценува дека има елементи кои сугерираат дека се слушнати ставовите на нашата страна во однос на гаранции и предвидливост на процесот.
„Дали ова што го пишува во документот е доволна гаранција и предвидливост во смисла што се очекувањата на нашата влада мислам дека има елементи дека е сослушано од наша страна и реагирано по таа основа. Дали е тоа доволно Владата ќе одлучи“.
По средбата меѓу шефовите на дипломатиите ставовите остануваа непроменети, но присуството на еврокомесарката за проширување Марта Кос во Софија на заедничката прес-конференција помага да се сослушаат двете страни без да изгледа како „расипан телефон“, вели Кржаловски.
„Тоа што Кос беше таму и учествуваше на заедничката конференција ја демонстрира желбата на ЕУ да се откочи процесот и да се помести целата ситуација. Треба приближување на многу позиции за да се спречат оправданите стравови после се што преживеавме. На пример дали промена во историската комисија ќе смени нешто“.
Обновувањето на дијалогот Скопје – Софија е на иницијатива на македонската Владата по совет на претседателката на Европската комисија, Фон Дер Лајен.
Марина Стојанова Тонева
