Основен суд Куманово

Доживотен затвор за серискиот убиец од Старо Нагоричане

09.10.2026 16:29

Најстрога казна, доживотен затвор доби Трајко Бојковски од Старо Нагоричане. Судот констатираше дека лицето одзело четири животи, а имало и два обиди за убиства. За судот ова е еден од најтешките случи. Останува отворен предметот за одговорноста на лекарите кои постапувале по случаите.

Доживотен затвор доби 25-годишниот Трајко Бојковски од Старо Нагоричане, обвинет за убиства на четири стари и немоќни жени, како и два обиди за убиства. Кумановскиот Основен суд преку материјални докази, ДНК траги, психијатриско вештачење, искази на жени жртви, утврди дека лицето ги сторило сите шест кривични дела кои му се ставаа на товар. Судијата Суроји при изрекувањето на пресудата истакна дека се соочиле со еден од најтешките предмети во историјата на државата. Побудите поради кои се одземени животи, задоволување на некрофилски нагони, рече се најнизок и најтежок начин на деградирање на човечкото достоинство.

„За ваков профил на сторител кој претставува трајна, тешка и непредвидлива опасност за секој поединец, казната доживотен затвор е единствен можен одговор. Целта на оваа казна не е негова ресоцијализација, бидејќи за вакви дела тоа е апсолутно невозоможно туку трајно и апсолутна изолација од слободното општество. Со денешната пресуда судот испраќа силна јасна порака дека институциите на системот ги казнуваат и најтешките форми на криминал“, истакна во пресудата судијата Мирсад Суроји.

При одмерување на казната судскиот совет на наишол на олеснителна околност, бидејќи ликот на сторителот се манифестира со апсолутно отсуство на човечност, емпатија, каење.

„Правилно утврди дека ова се кривични дела од најтежок облик, грозоморни убиства од една страна, од друга страна дека за овој обвинет не постои можност за ресоцијализација и од тие причини ја изрече единствената казна којашто е соодветна“, нагласи јавниот обвинител Љубомир Лапе.

Скопското обвинителство паралелно води постапка и за вториот предмет, во кој се испитува одговорноста на лекарите коишто постапувале во овие случаи и кои не констатирале насилна смрт кај жените. Случајот против Бојковски почна во февруари годинава, кога беше регистриран последниот смртен случај.

Елена Георгиевска