Еден компјутерски томограф на Радиологија во функција, пациентите ќе се закажуваат во две смени
Пет месеци за Пет-центарот, до четири за магнетна резонанца – по гласните реакции на пациентите за долгите листи на чекање, Министерството за здравство најави вонреден режим на работа и во сабота, недела и за празници. Додека од Радиологија уверуваат дека за итните случаи нема одлагање, 150 пациенти чие снимање беше откажано поради дефект на апарат, наредната недела ќе дојдат на ред.

Пет месеци се чека за снимање во Пет-центарот, три до четири за компјутерската томографија или магнетна резонанца, пациентите вчера зборуваа јавно и гласно, одговорот од Министерството за здравство стигна преку соопштенија. Велат, за итните пациенти има меѓуинституционална координација и организација за обезбедување континуитет во дијагностиката. За помали листи на чекање, во Пет-центарот ќе се работи и за викенди и на празници.
„Почнувајќи од овој продолжен викенд, вклучувајќи го и претстојниот празник, а потоа и во наредните викенди, ПЕТ-центарот ќе биде отворен за пациентите, со цел пократко чекање“, соопштија од Министерството за здравство.
Дел од пациентите гласно реагираа дека предолго се чека.
Од Институтот за радиологија за МТВ објаснуваат, итните пациенти се згрижуваат без одлагање. Онколошките и другите приоритетни до една недела чекаат за компјутерска томографија, до еден месец за магнетна резонанца.
На 150 пациенти им биле откажани испитувањата бидејќи не работел еден од апаратите на Институтот за радиологија. Оттаму велат дека наредната недела ќе работат во две смени и за викенд и сите овие пациенти и сите овие пациенти ќе ги добијат здравствените услуги.
Наташа Јанчиќ – Менковски
