Куманово

Блокадата на Краста продолжува, контејнерите полни

10.10.2026 11:06

Жителите на кумановски села ја продолжуваат блокадата на Краста, барајќи целосно гаснење на пожарот и нова локација за депонија. Од „Чистота и Зеленило“ предупредуваат ќе се случи еколошка катастрофа, градот остана без локација за депонирање на отпадот. Три дена се изнесуваше во Кратово и Ранковце...

Бараме чист воздух. Блокадата на Краста ќе продолжи сè додека целосно не се изгасне пожарот и запре чадот - е пораката на жителите на Пчиња, Студена Бара и други околни места, кои веќе неколку дена не дозволуваат камионите на комуналното претпријатие, да го депонираат сметот од Куманово. Мештаните апелираат да се обезбеди нова локација за депонија, потенцирајќи дека неопходно е долгорочно решение, а не привремено затрупување на проблемот.

„Очекуваме договор додека не ја потрупа целосно без чадење депонијата Краста со земја, ние нема да отстапиме од блокадите. И очекуваме да излезе Министерството за животна средина да дојде овде да го реши проблемот со каменоломите“, истакна Александар Илиевски, претседател на м.з. Пчиња, кумановско.

„Секое сабајле стануваме со чад, се гушиме ние, нашите деца. Депонијата да се санира комплетно да нема чад, труење на околните села, шест месеци цело време чади“, посочи Сашо Павловски, жител на Студена Бара, кумановско.

„Од оваа блокада да не се надева никој дека ќе дојде ќе потпише точки со нас и патот ќе биде слободен, до конечна санација, до сите точки исполнување нема мрдање од тука. Повелете и Нова Година ќе чекаме тука“, истакна Драган Цимковски, с. Пчиња, кумановско.

„Жално е во 21 век да немаме чист воздух, децата ај возрасните и така и така, децата да дишат канцероген воздух“, дополни Русе Стамчевски, Винце, кумановско.

Од „Чистота и Зеленило“ апелираат мештаните да ја деблокираат депонијата. Стравуваат ќе се случи еколошка катастрофа во Куманово. Изминативе три дена сметот се депонираше во Ранковце и Кратово. Но поради големите количини, а мали капацитети, постапката е запрена.

„Сега сме во состојба кога ние немаме каде да депонираме смет, камионите ни се полни нема каде да ги испразниме, улиците, контејнерите ни се полни со смет, ќе настанат големи проблеми ако месното население од село Пчиња, не ни дозволи да ги носиме и депонираме камионите смет во Краста“, истакна директорот на „Чистота и Зеленило“, Сашо Томиќ.

Претпријатието продолжува со санација на депонијата.

Елена Георгиевска