Свет

САД договорија испорака на руски дизел

10.10.2026 19:20

Додека Вашингтон и Киев разговараат за можен крај на војната, Трамп договара испорака на руска нафта со Путин. Договорот предизвика остри реакции во Украина. Зеленски предупредува дека Москва ќе добие нови средства за продолжување на војната. Во меѓувреме, нападите продолжуваат, а конкретен напредок во преговорите засега нема...

Додека американски и украински претставници во Мајами разговараат за можен крај на војната во Украина, Трамп со Путин договори испораки на руски дизел. Според шефот на Белата куќа, Русија веднаш ќе испорача над 300 илјади тони, а ќе следуваат и дополнителни количини. За да се овозможи продажбата на светските пазари, САД привремено ги ублажија санкциите за руските нафтени деривати.

„Тоа е голем договор. Огромно количество нафта доаѓа во нашата земја и сакам да му се заблагодарам на претседателот Путин. Ни треба нафта за светот“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.

Од Кремљ велат дека испораките можат позитивно да влијаат врз светската економија, но не откриваат дали Вашингтон направил отстапки во замена.

„Што се однесува до прашањето дали Вашингтон направил некакви отстапки во замена за испораките, мислам дека американската страна дополнително ќе даде појаснувања за условите на договорот“, изјави Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на Кремљ.

Договорот предизвика остри реакции во Киев. Зеленски вели-Москва ќе добие дополнителни средства за продолжување на војната, незадоволен што договорот е објавен за време на разговорите во САД, без Киев претходно да биде информиран.

„Тоа значи повеќе пари за војната и повеќе страдање. Тоа само го храни Путин и му овозможува да продолжи да се бори. Верувам дека нашиот тим едноставно се користи како димна завеса. Тоа е апсолутно нефер. Партнерите не треба да се однесуваат така едни кон други. Според мене, ова е слаба одлука од силни партнери“, изјави Володимир Зеленски, претседател на Украина.

Трамп ги отфрли критиките, велејќи дека нафтата му е потребна на светот и дека цените веќе паѓаат. Според американски медиуми, тој му замерил на Зеленски што не ги запрел нападите врз руските рафинерии. Киев, пак, понуди да ги запре, ако Москва ги прекине ударите врз украинската енергетска инфраструктура. Кремљ останува на своите воени цели, а двете страни продолжуваат со нападите. Специјалниот пратеник на САД, Виткоф, оценува дека разговорите во Мајами се конструктивни, но не објави конкретни договори.

 

Бојана Крстевски