Одбележување

Светски ден на менталното здравје

10.10.2026 15:25

Светскиот ден на менталното здравје – годинава се одбележува под мотото – Лични искуства – вистински гласови, вистински промени. Целта е подигнување на свеста за психичката благосостојба, намалување на стигмата и подобрување на пристапот до соодветна поддршка и здравствена грижа...

Депресијата и анксиозните растројства се во пораст. Во последните две години, бројот на пациентите кои се лекуваат во психијатриските болници е зголемен за околу 30 проценти. Стресот, забрзаниот начин на живот, но и развојот на технологијата – се дел од факторите кои влијаат врз менталното здравје. Проблем останува и стигмата, поради која многумина се двоумат да бараат стручна помош. Споделувањето искуства на луѓето кои поминале низ слична состојба можат да бидат важна поддршка.

„На тој начин се праќа порака дека не си сам и не си единствен. Многу често луѓето кои страдаат од било каква мака, без разлика дали е телесна или психолошка, првото чувство што го имаат е страв и прашањето дали само мене ми се случува ова, дали сум единствен на светот кој има вакви потешкотии? Поради тоа, многу е важно да се слушне некој кој поминал низ истото или има слична животна патека или препрека“, изјави проф. Д-р Славица Арсова – директор на Клиниката за психијатрија.

Напнатост, вознемиреност и нарушено секојдневно функционирање – се знаци кои не треба да се игнорираат.

Според Светската здравствена организација, речиси секој седми човек во светот живее со одредено ментално нарушување. Подигнувањето на свеста и навремената стручна поддршка се клучни за зачувување на ментално здравје.

Андријана Ѓурческа