Трамп побара Украина да добие нов претседател
Го обвини Зеленски дека повеќепати одбивал да постигне договор за завршување на војната и го критикуваше Киев поради нападите врз руските нафтени рафинерии...

По објавата за договорот со Путин за снабдување на САД и светскиот пазар со руски дизел, американскиот претседател Трамп побара Украина да добие нов претседател. Го обвини Зеленски дека повеќепати одбивал да постигне договор за завршување на војната и го критикуваше Киев поради нападите врз руските нафтени рафинерии.
„Треба да се одржат избори. Тој можеше да ја реши оваа работа многу пати; требаше да распише избори. Не може да ја крева цената на нафтата. Мислам дека Русија би сакала да постигне договор, но од некоја причина, Зеленски не сака, а ќе беше паметно ако постигнеше договор пред две години. Ќе беше во многу подобра позиција“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Москва ја поздрави пораката на Трамп, оценувајќи ја како пресвртница и историски момент. Од Киев, пак, стигна реакција дека за изборот на претседател треба да одлучуваат украинските граѓани, согласно Уставот на земјата.
„Во светот има двајца лидери кои бараат Украина да добие нов претседател: првиот е претседателот Трамп, а вториот е диктаторот Путин“, изјави Кира Рудик, украинска опозициска пратеничка.
Додека руските напади продолжуваат, во Запорожје ден на жалост по смртоносниот удар врз станбени згради. Зеленски го посочи нападот како доказ дека ублажувањето на притисокот врз Москва ја охрабрува Русија да продолжи со војната.
