Хутите го нападнаа аеродромот во Ријад, има загинати
Крвав напад на Хутите врз аеродромот во Ријад. 12 загинати и над 300 повредени. Амбасадата на Македонија во Абу Даби упати итно предупредување до македонските државјани кои престојуваат во Саудиска Арабија поради влошената безбедносна состојба и серијата ракетни и напади со беспилотни летала.

Судирот меѓу јеменските Хути и Саудиска Арабија се заострува. Меѓународниот аеродром во Ријад по третпат за една недела беше цел на напад, со тежок биланс на загинати и повредени.
„Во нападот загинаа 12 лица, а повредени се 309. Меѓу загинатите има четворица Саудијци, двајца државјани на Бангладеш и по еден државјанин на САД, Египет, Јордан, Сирија, Палестина и Судан. Повредените добиваат медицинска помош во неколку болници, вклучително и лица со тешки повреди“, изјави саудиски тв-водител.
По нападот, летовите се пренасочени, а работата на аеродромот привремено прекината. Хутите ги предупредија авиокомпаниите и патниците да ги избегнуваат саудиските аеродроми и воздушниот простор.
„Го повторуваме предупредувањето да не се користат саудиските аеродроми и воздушниот простор, бидејќи тие се потенцијални цели на нашите сили“, изјави Јахја Сари, портпарол на Хутите.
Нападот го зголемува притисокот врз Ријад да возврати, а врз неговите сојузници да обезбедат воена поддршка. Американскиот претседател Трамп не ја исклучи можноста САД да се приклучат на нападите врз Хутите.
„Можеби ќе го сториме тоа. Ќе ја разгледаме ситуацијата. Тукушто дознавме за овој последен напад, па ќе донесеме одлука“, изјави Доналд Трамп, претседател на САД.
Пакистан, Египет и Катар со осуда за како што го оценија неприфатливиот напад.
„Пакистан ја осудува агресијата на Хутите врз Саудиска Арабија и изразува целосна солидарност со кралството. Нашата поддршка се темели на договорите за одбрана и на братските врски меѓу двете земји“, изјави Мухамед Шехбаз Шариф, премиер на Пакистан.
Реакции пристигнаа и од Европа со предупредување за опасна ескалација.
„Најсмртоносниот напад на Хутите врз аеродромот во Ријад досега претставува опасна ескалација. Овие напади од страна на сојузниците на Иран го туркаат регионот во спирала на насилство. Овие смртоносни напади врз цивили мора веднаш да престанат“, изјави Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија.
„Нападите врз цивили и цивилна инфраструктура претставуваат кршење на меѓународното право“, изјави Антонио Гутереш, генерален секретар на ОН.
Велика Британија најави можност за проширување на поддршката за Ријад, но засега не разгледува учество во офанзивни операции. Во меѓувреме, загрозен останува и поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец. Американската војска соопшти дека погодила и онеспособила товарен брод под панамско знаме во Оманскиот Залив, за кој тврди дека се обидел да ја пробие поморската блокада кон Иран. Натамошната ескалација ги зголемува стравувањата од нарушување на глобалното снабдување и нов раст на цените на енергенсите.
Бојана Крстевски
