Охрид конечно добива современ старечки дом
Охрид конечно добива старечки дом. Објектот во населбата Далјан на брегот на Охридското Езеро е изграден, а наскоро се очекува да почне со работа. Во целиот Југозападен регион ова е првиот дом за сместување и грижа за старите лица. Пензионерите загрижени колку ќе чини сместување во приватен старечки дом…

Охрид, конечно добива современ старечки дом, прв во целиот Југозападен регион. Објектот е комплетно изграден во населбата Далјан на самиот брег на Охридското Езеро. Покрај сместувањето предвидени се и дополнителни здравствени содржини. Со овој проект се решава еден од долгогодишните проблеми-недостигот од институционална грижа за старите лица.
„Од наша страна инфраструктурно се уредуваше земјиштето во оваа година, заедно со ЕВН, приклучокот на струја, приклучокот на канализација, вода и сите оние потребни инфраструктурни зафати за тој објект конечно да профункционира. При самиот крај, тој објект, покрај сместувачкиот капацитет, односно грижата за старите лица, има можности и за болница во самиот објект, врз основа на урбанистичкиот план, до 30% во компатибилните намени“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Повозрасните граѓани велат старечкиот дом е насушна потреба, но се загрижени за високите цени. Сметаат дека за сместување ќе бидат потребни субвенции од државата.
„Мислам дека е приватен и цените ќе се проблем сигурно. А и не знам мислам нема палијативна нега не е предвидена ко пензионерски ќе е. Задолжително за старечки дом ќе треба субвенции“.
„Би требало да има пензионерски дом во години сме сите и јас мислам дека е позитивна работа. Па би требало да даде пензиите се претежно мали пензии се ќе бара додаток нема да може да стаса пензијата“.
„Ако дава син ми субвенции, ако праќа долари. Да се сместам јас сум сама немам никој во четири ѕида сум сам.
Изградбата на старечкиот дом беше поддржана од Општината и државата преку субвенционирање на комуналиите.
Соња Рилковска
