Одбележување

Државниот врв го честиташе одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание

11.10.2026 16:53

Со пораки за градење демократска, правна и европска држава, државниот врв го честиташе одбележувањето на 11 Октомври – Денот на народното востание...

11 Октомври не е само историски датум, туку трајна обврска кон идните генерации истакна Претседателката Гордана Силјановска Давкова во честитката до граќаните по повод Денот на народното востание, Шефицата на државата им оддаде почит на востаниците и партизаните, нагласувајќи дека денешните генерации имаат обврска да градат демократска, правна и просперитетна европска држава.

„Идеја водилка на востанието како народен отпор беше вековниот стремеж за слободна македонска држава. Востанието прерасна во Народноослободителна борба, низ која, со крв, саможртва и непоколебливост на знајни и незнајни јунаци, се трасираше патот кон АСНОМ. – Време е да се однесуваме кон државата како кон заеднички дом, во кој различностите не се повод за делби, туку причина за учење едни од други, за разбирање и за градење свест за заедничко добро“ – напиша Силјановска Давкова.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши потсети на вредностите врз кои се гради едно демократско општество – слободата, солидарноста, меѓусебното почитување и заедништвото.

„Наша обврска е со почит да го чуваме споменот на сите оние кои се бореле и се жртвувале за слободата, а нивната храброст да ја преточиме во одговорност, единство и посветеност кон демократскиот развој, владеењето на правото и европската иднина на нашата земја. Само преку заедништво, заемна почит и почитување на различностите можеме да изградиме општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреднуван и ќе има можност да придонесе кон заедничкиот напредок“.

Нашите предци се изборија за своја држава, наша историска задача е младите да останат да живеат во Македонија порача претседателот на Социјалдемократскиот сојуз. Тој посочи дека почитта кон паднатите борци не смее да остане само на свечени одбележувања, туку мора да се преточи во одговорност за државата, нејзиниот развој и иднината на граѓаните.

„Во неа има востаници што знаеле дека се послаби од силата на која ѝ се спротивставуваат. Има луѓе што ја продолжувале борбата откако претходната генерација била поразена. Имало силна надеж што се пренесувала од родител на дете, кога немало држава преку која таа верба можела да се оствари“ – се наведува во честитката на социјалдемократите.

 

Марина Стојанова Тонева