Одбележување

85 години од Народното востание

11.10.2026 17:26

Нашата татковина е поголема од секоја партија и секоја влада. Потребно ни е единство околу големите стратешки цели, порача премиерот Мицкоски од централната манифестација за одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание во Спомен-костурницата во Куманово. Сакаме европска иднина, силни сојузништва и пријателства, но со исправена глава. Обврска на сите е да создадеме успешна, економски силна и достоинствена држава.

Македонија е поголема од секоја политичка партија. Државата е ветување кон секој граѓанин дека неговата иднина нема да зависи од нечии лични интереси, туку од неговата работа, знаење и способности-порача премиерот Мицкоски во празничниот говор од Спомен костурницата во Куманово.

Според Премиерот, најголемата борба на нашата генерација е борбата за иднината на децата и младите. Потенцира дека мора да градиме татковина во која младите нема да избираат меѓу татковината и иднината.

Шефот на Владата се осврна и на надворешната политика, порачувајќи дека нашата цел е европска иднина, но и држава сигурна во себе, во својата историја и иднина.

Обврска на сите е да создадеме успешна, економски силна и достоинствена држава, без поделби, изговори и изгубени можности, порача премиерот во говорот на одбележувањето на 85-годишнината од народното востание, под мотото, „Идеали што градат иднина“.

Александра Велинова