МВР

Постапка против шест полицајци поради употреба на прекумерна сила

11.10.2026 18:29

За случајот со прекумерна употреба на сила врз две момчиња од Скопје, против шест полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат суспендирани. Од извршените проверки, обезбедените снимки од настанот и обезбедените изјави на лица-сведоци на настанот, утврдени се низа неправилности при постапувањето на полициските службеници, стои во соопштението од МВР.

Шестмина полицајци ќе бидат суспендирани од работа поради употреба на прекумерна сила врз две момчиња од Скопје на 21 и 23 годишна возраст. Против нив ќе биде поведена дисциплинска постапка, откако внатрешна контрола утврдила низа неправилности во нивното постапување. Како доказ се обезбедени снимки и изјави од сведоци.

„Од извршените проверки, обезбедените снимки од настанот и обезбедените изјави на лица сведоци на настанот, утврдени се низа неправилности при постапувањето на полициските службеници за што од страна на одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против шест полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат изречени мерки за отстранување од работно место – суспензија“, изјави Гоце Андреевски – портпарол на МВР.

По поднесените пријавите за кривично-правните настани, од надлежните обвинителства се издаваат наредби за вештачење по кои се постапува – велат од МВР. По комплетирање на доказниот материјал ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Настанот се случил на седми октомври. Двете момчиња тврдеа дека биле физички нападнати и малтретирани од полицајци, поради сомнение дека украле пиштол. Тие ги отфрлија обвинувањата и тврдеа дека оружјето се нашло во нивниот автомобил откако полицајците го скршиле стаклото. Случајот го истражуваат надлежните институции.

Андријана Ѓурческа