Постапка против шест полицајци

11.10.2026 17:40

Шестмина полицајци ќе бидат суспендирани од работа поради употреба на прекумерна сила врз две момчиња од Скопје на 21 и 23 годишна возраст...

Шестмина полицајци ќе бидат суспендирани од работа поради употреба на прекумерна сила врз две момчиња од Скопје на 21 и 23 годишна возраст. Против нив ќе биде поведена дисциплинска постапка, откако внатрешна контрола утврдила низа неправилности во нивното постапување. Како доказ се обезбедени снимки и изјави од сведоци.

„Од извршените проверки, обезбедените снимки од настанот и обезбедените изјави на лица сведоци на настанот, утврдени се низа неправилности при постапувањето на полициските службеници за што од страна на одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против шест полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат изречени мерки за отстранување од работно место – суспензија“, изјави Гоце Андреевски – портпарол на МВР.

По поднесените пријавите за кривично-правните настани, од надлежните обвинителства се издаваат наредби за вештачење по кои се постапува – велат од МВР. По комплетирање на доказниот материјал ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Настанот се случил на седми октомври. Двете момчиња тврдеа дека биле физички нападнати и малтретирани од полицајци, поради сомнение дека украле пиштол. Тие ги отфрлија обвинувањата и тврдеа дека оружјето се нашло во нивниот автомобил откако полицајците го скршиле стаклото. Случајот го истражуваат надлежните институции.

Андријана Ѓурческа