„Панкот не е мртов“ одбележува 15 години со проекција во Кинотека
По повод 15 години од македонскиот филм „Панкот не е мртов“ на режисерот Владимир Блажевски, Кинотеката на Македонија организира проекција во вторник, на 13 октомври, со почеток во 20 часот.

Петнаесет години од премиерата на филмот „Панкот не е мртов“ (Punk’s Not Dead) на режисерот и сценарист Владимир Блажевски ќе бидат одбележани со проекција во Кинотеката на Македонија, во вторник, на 13 октомври, со почеток во 20 часот.
Македонската црна комедија од 2011 година ја раскажува приказната за Мирса, четириесетгодишен скопски панкер, кој добива можност повторно да го собере својот некогашен бенд и да настапи на мултикултурен настан во западниот дел на земјата. Преку панкот, транзицијата и општествените поделби, филмот ги отвора прашањата за пријателството, национализмот, идентитетот и соживотот.
Во филмот настапуваат Јордан Симонов, Камка Тоциновски, Тони Михајловски, Кирил Поп-Христов, Џевдет Јашари, Владимир Тулиев и Флора Достовска.
„Панкот не е мртов“ оствари значајни меѓународни успеси. Ја освои наградата „Кристален глобус“ во програмата „Исток на Западот“ на Фестивалот во Карлови Вари, наградата за најдобар машки актер за Јордан Симонов на Фестивалот во Херцег Нови, како и наградата за најдобро сценарио на Фестивалот на хуманитарни филмови во Монако. Филмот беше и македонски кандидат за Оскар.
