Здравство

Кумановската болница се екипира, но не и со анестезиолози

12.10.2026 11:25

Кумановската болница го зајакнува медицинскиот кадар, но недостигот од анестезиолози и среден медицински персонал, останува предизвик. Анестезиолози од други здравствени установи од Скопје дежураат во Куманово. Проблемот треба да се надмине за две години. Во моментов се обучуваат петмина специјализанти.

Анестезиолози, но и средно медицински персонал сè уште недостига во кумановската болница. Здравствената установа очекува нови вработувања, во тек е оглас за осум лица, како и уште 20 специјализанти. Но најголем предизвик останува анестезиологија, каде што болницата засега се потпира на лекари од скопските здравствени установи.

„Имаме договор со клиниката ТОАРИЛЦУ, ГАК, 8-ми септември, Чаир, уште некои клиники каде што лекарите анестезиолози доаѓаат на дежурства за потребите на нашите пациенти. Во моментот имаме 5 специјализанти анестезија очекуваме двајца да завршат до нова година, тројца ќе завршат за две години така што од прилика проблемот што го наследивме со анестезија ќе биде решен за две години“, изјави директорот на кумановската болница, Сашо Стошевски.

Останатите оддели се стабилни, располагаат со доволен број лекари. Се очекуваат нови вработувања на среден медицински персонал и помошно технички. Покрај луѓе, болницата добива и нова опрема. Освен донации од различни организации, се очекува и опрема вредна 1,8 милиони евра од Владата.

„Ехо апарати за офталмологија, интерно одделение, педијатрија, гинекологија, неонатологија, неврологија уште еден нов рендген апарат, централен мониторинг систем за интерно одделение, перфузори и т.н. ваква инвестиција во болницата не се памети во последниве 30 години“, дополни Стошевски.

Новите апарати треба да овозможат поголем број здравствени услуги.

Елена Георгиевска