Животна средина

Отпадот од Куманово привремено се носи во „Дрисла“, жителите бараат санација на „Краста“

12.10.2026 10:24

Додека не се надмине проблемот со депонијата „Краста“, отпадот од Куманово се транспортира во „Дрисла“. Предвидени се мерки за спречување нови пожари, поставување видеокамери и засилено обезбедување. Жителите, пак, остануваат на барањето за целосна санација на депонијата поради опасностите по нивното здравје.

Додека да се надмине проблемот со депонијата „Краста“, отпадот од Куманово се транспортира во депонијата „Дрисла“.

Во меѓувреме, Кризниот штаб го задолжи Јавното претпријатие „Чистота и зеленило“ да врши затрупување со земја на потенцијалните жаришта од кои можат да избувнат нови пожари. Предвидено е и поставување видеокамери и зајакнување на физичкото обезбедување.

Во соработка со локалното население, треба да се формираат екопатроли со претставници на месните заедници и невладините организации од селата Пчиња, Студена Бара, Вак’в и Винце, кои неделно ќе ја следат состојбата на депонијата, и да се направи дезинфекција на сите локации за собирање смет според препораките на Центарот за јавно здравје.

Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, вели дека ваквото решение е привремено, сè додека не се надмине проблемот.

Во меѓувреме, жителите остануваат на барањето за целосна санација на депонијата, која, како што тврдат, го загрозува нивното здравје.