МВР: Нема евидентиран излез од Македонија за Ива Михајлова
Проверките на македонската и бугарската гранична полиција не покажале евидентиран излез на Ива Михајлова од Македонија, ниту легален влез во Бугарија. За лицето е во сила активна судска забрана, информира Министерството за внатрешни работи.

Од МВР соопштуваат дека извршиле проверки во системот за гранична контрола, при што било утврдено дека нема евидентиран излез од територијата на Македонија за Михајлова.
Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, проверки извршила и бугарската гранична полиција, од каде што било потврдено дека за неа нема евидентиран легален влез на бугарска територија.
Според податоците од граничните евиденции, Михајлова последен пат влегла во Бугарија во септември 2025 година. Во октомври истата година е евидентиран нејзиниот излез од Бугарија, односно влез во Македонија.
