Инфраструктура

Почна изградбата на автопатот Букојчани – Кичево, инвестиција од 139 милиони евра

12.10.2026 14:01

По десет години од проектирањето, денеска официјално почна изградбата на автопатската делница Букојчани – Кичево, во должина од 11,5 километри. Проектот е дел од Коридорот 8, а изградбата треба да заврши за четири години. За реализација се обезбедени 119 милиони евра заем од ЕБОР, 20 милиони евра грант од Европската Унија и 300 илјади евра од Фондот на ЕУ за Западен Балкан.

Со изградбата на делницата Букојчани – Кичево треба да се поврзат автопатот Кичево – Охрид и делницата Тетово – Гостивар – Букојчани, со што ќе се заокружи уште еден важен сегмент од Коридорот 8.

Автопатот ќе има по две сообраќајни ленти и една лента за застанување во секоја насока, а проектираната брзина на движење ќе биде од 110 до 130 километри на час. Предвидена е изградба на пет мостови, еден тунел, два вијадукти и две клучки.

На официјалниот почеток на изградбата, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека со оваа делница проектот за поврзување на Скопје и Охрид со автопат добива целосна смисла.

Мицкоски посочи дека стратешка цел на Владата е земјата да се развива како регионална раскрсница на двата паневропски коридора – 8 и 10, преку инвестиции во патната, железничката, енергетската и гасната инфраструктура. Според него, ваквото поврзување треба да придонесе за економски развој и создавање услови за развој на современи индустрии.

Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски оцени дека станува збор за тежок и предизвикувачки планински терен, изразувајќи очекување дека изведувачите и надзорот ќе ја завршат работата во предвидениот рок.

Тој нагласи дека вложувањата во автопатите и железницата треба да придонесат за економски напредок и зајакнување на геостратешката позиција на државата.

Директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Коце Трајановски, информираше дека интензивно се работело во изминатите две и пол години и дека сега почнува изградбата на делницата долга 11,5 километри.

Трајановски најави дека автопатот Кичево – Охрид се очекува да биде пуштен во употреба следната година, а интензивно се работи и на делницата Тетово – Гостивар. Тој посочи дека новиот автопат Букојчани – Кичево ќе биде без патарини и изрази очекување дека патувањето од Скопје до Охрид ќе трае помалку од час и половина.

Во однос на експропријацијата, Трајановски информираше дека од околу 1.000 катастарски парцели опфатени со постапката, досега се завршени 97 проценти.