Пронајдени девет мигранти кај Богородица, приведени двајца осомничени за криумчарење
Девет мигранти од Авганистан и Египет биле пронајдени во близина на Богородица, а полицијата лишила од слобода двајца осомничени за криумчарење мигранти. По целосно документирање на случајот, најавена е соодветна пријава.

Девет мигранти, од кои петмина од Авганистан и четворица од Египет, биле пронајдени во близина на селото Богородица, во гевгелискиот регион. Во врска со случајот, полицијата лишила од слобода двајца осомничени за криумчарење мигранти, информира Министерството за внатрешни работи.
На 11 октомври во 16:50 часот, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Богородица го лишиле од слобода Б.К. (39) од Скопје. При преглед на возилото „шкода“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени седум мигранти – петмина од Авганистан и двајца од Египет.
Околу 18:30 часот биле пронајдени уште двајца египетски државјани, кои биле дел од истата група, но не влегле во возилото на локацијата наречена Краварски пат.
Во врска со настанот, под сомнение за сторено кривично дело по член 418-Б од Кривичниот законик, на 12 октомври во 00:05 часот бил лишен од слобода и 17-годишен египетски државјанин со привремен престој во Грција.
Мигрантите биле сместени во Прифатно-транзитниот центар во Гевгелија, додека двајцата осомничени биле задржани во полициска станица.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на случајот ќе следува соодветна пријава.
