„Безбеден град“ почнува да функционира и во Охрид, Струга, Кичево и Дебар
По завршените технички проверки и финалните тестирања, системот „Безбеден град“ од денеска почнува да функционира на подрачјето на СВР Охрид. Поставени се околу 40 камери на клучни сообраќајници и крстосници, кои ќе регистрираат пречекорување на брзината, минување на црвено светло и непрописно паркирање. Системот ќе ги опфати општините Охрид, Струга, Кичево и Дебар.

По завршените технички проверки и финалните тестирања од денеска на подрачјето на СВР Охрид почнува да функционира системот „Безбеден град“. 40-ина камери се поставени на клучните сообраќајници и крстосници.
Видеонадзорот ќе регистрира сообраќајни прекршоци, пречекорување на брзината, минување на црвено светло и непрописно паркирање.
„Очекуваме дека во наредниот период максимално ќе бидат позитивни ефектите од Безбеден град. Имено очекуваме дека во делот на прекршоците коишто досега се регистрирани, да имаме видно намалување на бројот на прекршоци и, се разбира, очекуваме дека бројот на сообраќајните несреќи, претежно со жртви, ќе биде сведен на минимум, односно ќе имаме нула сообраќајни несреќи со жртви“, изјави портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.
Дел од камерите се поставени на автопатската делница Кичево – Охрид, кон Струга, кон Дебар, кон граничниот премин Ќафасан и на патот кон Свети Наум. Од СВР Охрид упатуваат апел до возачите да ги почитуваат сообраќајните прописи.
„Апелирам до возачите на патничките и други моторни возила да се придржуваат, да ги почитуваат ограничувањата на дозволената брзина и, се разбира, Safe City да го сфатат како еден партнер во делот на зголемена сообраќајна безбедност. Заеднички да се грижиме за животите на нашите сопатници, за нашите животи и за животите на оние други учесници во сообраќајот“, нагласува Димоски.
Системот „Безбеден град“ на подрачјето на СВР Охрид ќе ги опфати четирите општини Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Соња Рилковска
